Означувањето на групата „Картел де лос Солес“ како терористичка организација ќе му овозможи на претседателот Доналд Трамп да воведе нови санкции насочени кон средствата и инфраструктурата на Мадуро, но правните експерти истакнуваат дека ова не вклучува експлицитно овластување за употреба на смртоносна сила, пишува Си-ен-ен.
И покрај правните толкувања, претставници на администрацијата велат дека одлуката, која претставува една од најострите алатки на Стејт департментот за борба против тероризмот, ќе им даде на САД пошироки воени опции за напади во Венецуела.
Терминот „Картел де лос Солес“ (Картел на Сонцето) се користи за да се опише децентрализирана мрежа на групи во рамките на венецуелските вооружени сили поврзани со трговија со дрога. Претседателот Мадуро отсекогаш негирал каква било лична вмешаност во трговијата со дрога, а неговата влада постојано го негираше постоењето на наводниот картел, за кој некои експерти веруваат дека технички не постои во класична смисла.
Одлуката, објавена на 16 ноември, доаѓа откако американската војска распореди повеќе од десетина воени бродови и 15.000 војници во регионот како дел од операцијата која Пентагон ја нарече „Операција Јужно копје“. Како дел од наводната кампања против трговијата со дрога, американската војска веќе уби десетици луѓе во напади од бродови.
На претседателот Трамп му беа претставени голем број опции за акција во Венецуела, вклучувајќи напади врз воени или владини објекти и акции на специјалните сили, иако опцијата за недејствување останува на маса.
Во меѓувреме, претседателот на американскиот Здружени штаб, генералот Ден Кејн и неговиот виш советник Дејвид Исом го посетија Порторико за да им се заблагодарат на припадниците на војската кои ги поддржуваат мисиите во Карибите.
Постои значителен отпор кон воена интервенција во американската јавност. Според анкетата на Си-би-ес њуз и Југов објавена во неделата 70 проценти од Американците се против воена акција во Венецуела, додека 30 проценти ја поддржуваат. Дури 76 проценти од испитаниците веруваат дека администрацијата на Трамп не го објаснила јасно американскиот став за воена акција.
Официјалниот став на администрацијата на Трамп е да работи на намалување на нелегалната миграција и протокот на дрога, но промената на режимот е можен несакан ефект од тие напори. Според еден американски функционер, Трамп се надева дека притисокот ќе биде доволен за да го принуди Мадуро да се повлече без потреба од директна воена интервенција.
Трамп покажа и одредена отвореност за дипломатско решение, велејќи минатата недела дека Мадуро „би сакал да разговара“, а подоцна навести дека ќе биде отворен за разговор со него „во одредено време“. Белата куќа не одговори веднаш на прашањето на Си-ен-ен за статусот на потенцијалните разговори меѓу Трамп и Мадуро.
Во знак на ескалација на тензиите, САД ја организираа својата најголема демонстрација на воена сила во близина на Венецуела во четвртокот, кога најмалку шест американски авиони останаа во близина на брегот на земјата со часови, според анализата на Си-ен-ен на јавно достапните податоци за летовите.
Во текот на викендот, три меѓународни авиокомпании ги откажаа летовите од Венецуела откако Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФАА) ги предупреди главните превозници за „потенцијално опасна ситуација“ при летање над земјата, објави Ројтерс.






