„Не мислам дека тоа би било релевантно во овој момент“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Овалната канцеларија, додавајќи дека води „многу добри разговори“ со Иран за постигнување на договор.
Иранските власти денес објавија дека би можеле да дозволат посета на американски инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) доколку се постигне договор со Вашингтон.
Петтата рунда разговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран, која почна на 12 април со посредство на Оман, заврши во Рим во петокот без значителен напредок, но американскиот претседател ги опиша разговорите како „многу, многу добри“.
Целта на разговорите е да се постигне нов договор кој би го спречил Иран да развие нуклеарно оружје, амбиција што Техеран отсекогаш ја негирал.
За возврат, Иран се надева дека САД ќе ги укинат санкциите што ја задушуваат неговата економија.
Франција, Британија и Германија, заедно со САД, Кина и Русија, се членки на нуклеарниот договор склучен со Иран во 2015 година.
Текстот, кој предвидува укинување на санкциите против Техеран во замена за рамка за неговите нуклеарни активности, стана неважечки откако САД се повлекоа од овој договор во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп.