Во нападот на 28 февруари беше погодено основното училиште „Шаџарех Тајиба“ во Минаб, во момент кога американската војска изведувала напади врз соседен објект на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГК), покажуваат првичните наоди од истрагата.
Според изворите, Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) ги создала координатите за нападот врз основа на застарени податоци доставени од Одбранбената разузнавачка агенција (ДИА), што придонело за фаталната грешка. Сателитски снимки од 2013 година покажувале дека училиштето и базата некогаш биле дел од ист комплекс, но според подоцнежни снимки од 2016, меѓу нив била изградена ограда и училиштето добило посебен влез. Снимки од декември 2025 година покажувале десетици луѓе во дворот на училиштето.
Истрагата сè уште е во тек. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не бил запознаен со извештаите дека прелиминарната воена истрага укажува оти САД се одговорни за смртоносниот напад врз училиштето во јужен Иран. Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека нападот ќе биде „темелно“ истражен и додаде дека САД се обидувале „на секој можен начин да избегнат цивилни жртви“.





