„Продолжуваме да бидеме посветени на сериозна дипломатија, а не на шоуменство. Нашите приоритети се јасни: ослободување на заложниците, безбедноста на Израел, како и мир и просперитет за целиот регион што не може да се гарантира без отсуство на Хамас“, изјави портпарол на Стејт департментот, кој побарал да остане анонимен.
Франција и неколку други земји денес треба да ја признаат палестинската држава на отворањето на големиот годишен собир на лидери во Њујорк на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што една од главните теми ќе биде војната во Газа.
Признавањето има претежно симболично значење и беше предвидено за време на самитот организиран од Франција и Саудиска Арабија за иднината на решението со две држави, израелска и палестинска, кои би живееле една до друга во мир и безбедност, што е крај на повеќемесечниот процес за кој се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон.
Пред овој собир во ОН, Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера официјално ја признаа палестинската држава. Така, најмалку 145 од 193-те земји-членки на ОН ја признаваат палестинската држава, според агенцијата Франс прес.
На овој начин, статусот на Палестинците како набљудувачи во ОН, чие целосно вклучување е блокирано од САД, не се менува.






