Изјавите на Кошта се меѓу првите реакции на високи претставници на ЕУ по објавувањето на новата Стратегија за национална безбедност на Соединетите Држави — документ во кој Белата куќа го изложува својот пристап кон геополитичките предизвици со кои се соочуваат САД и светот. Во новата стратегија на администрацијата на Доналд Трамп, објавена во петокот, фокусот е ставен врз европските сојузници, кои се прикажани како слаби, додека се покажува поддршка за крајнодесни политички партии.
Документот, кој Русија го пофали, претставува пишана верзија на повеќемесечните критики што администрацијата на САД ги упатува кон политиките на Европската Унија и наводните ограничувања на слободата на говор, критики што започнаа уште во февруари, кога потпретседателот на САД Џеј Ди Венс одржа остро предавање за европските сојузници во Германија.
На конференцијата „Жак Делор“ во Париз, Кошта изјави дека, иако Европа и САД остануваат партнери, темелите на тоа партнерство почиваат на заемно почитување, особено кога станува збор за внатрешнополитички прашања.
„Секако, оваа американска стратегија и понатаму ја споменува Европа како сојузник. Тоа е добро“, рече Кошта, пренесува Политико. „Но ако сме сојузници, тогаш мора да се однесуваме како сојузници. А сојузниците не се закануваат дека ќе се мешаат во демократскиот живот или во внатрешнополитичките одлуки на своите партнери. Тие го почитуваат тоа. Го почитуваат меѓусебниот суверенитет.“
Според Кошта, острите коментари на Џеј Ди Венс и објавите на социјалните мрежи на претседателот Трамп повеќе не се изолирани испади, туку претставуваат „доктрина на Соединетите Држави“.
„Мора да го земеме тоа предвид и да дејствуваме соодветно“, рече тој. „Тоа значи дека ни треба не само нова енергија, туку и фокус на градење на една Европа што мора да сфати дека односите меѓу сојузниците и сојузите создадени по Втората светска војна се променети.“
Во центарот на пораката на Кошта беше одлуката на Европа да ги одбие надворешните политички притисоци. „САД не можат наместо европските граѓани да одлучуваат кои политички актери се ‘вистински’, а кои се ‘погрешни’“, рече тој, алудирајќи на делот од американската стратегија во кој се споменува поддршка за „патриотските европски партии“.
Кошта истакна дека новиот американски пристап одразува еден поширок пресврт од мултилатерализмот, послаба посветеност на меѓународниот поредок заснован на правила и напуштање на климатската политика како стратегиски приоритет. „Постојат разлики во нашите погледи на светот“, предупреди тој.
Кошта решително ја бранеше и регулаторната автономија на Европската Унија, вклучително и високата казна што минатата недела ја доби платформата Икс врз основа на Законот за дигитални услуги. Тој ги отфрли критиките од Вашингтон и од американските технолошки лидери, порачувајќи дека европските потези се засновани врз нејзиниот демократски модел.
„Соединетите Држави не можат наместо Европа да одредуваат како изгледа слободата на говор“, рече тој. „Нашата историја нè научила дека нема слобода на говор без слобода на информирањето. А слобода на информирањето постои само таму каде што има почитување на плурализмот.“
Тој додаде: „Нема да има слобода на говор ако слободата на информирањето на граѓаните се жртвува за да се заштитат технолошките олигарси од САД.“
За Европа, новата американска стратегија суштински има цел да го засили притисокот врз европските држави во момент кога мнозинството европски лидери и понатаму го поддржуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај дипломатските маневри на САД. Во меѓувреме, администрацијата на Трамп — која се обидува да се усогласи со руските позиции — сака да го убеди Киев што побрзо да постигне компромис. Но многу чувствителни прашања остануваат нерешени, особено оние за територијалните спорови и безбедносните гаранции.
Веднаш по објавувањето на новата американска стратегија, влијателни личности од администрацијата на Трамп, или блиски до неа, целиот викенд ја засилуваа со свои изјави, со што дополнително ги зголемија трансатлантските тензии.
Кристофер Ландау, заменик-државен секретар на САД, ја осуди „недоследноста“ на европските престолнини, од кои повеќето се членки на НАТО и ЕУ. „Кога тие земји ги носат своите НАТО-капи, инсистираат дека трансатлантската соработка е темел на нашата заедничка безбедност“, напиша тој на платформата Икс.
Илон Маск, сојузник на Трамп во почетокот од неговиот втор мандат, изјави дека „ЕУ треба да биде укината, а суверенитетот да им се врати на поединечните држави, за владите подобро да ги претставуваат своите граѓани“.
На тоа остро одговори полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски:
„Оди на Марс. Таму нема цензура на нацистичките поздрави.“






