Американскиот Стејт департмент одлучи да ја санкционира Франческа Албанезе, специјалната известувачка на ОН за Западниот Брег и Газа, откако неуспешно се обиде да изврши притисок врз ОН да ја отстрани од позицијата.
Албанезе, адвокатка специјализирана за човекови права, јавно повика на прекин на она што таа го нарекува „геноцид што Израел го спроведува врз Палестинците во Газа“. И Израел и САД, кои на Израел му даваат воена помош, жестоко ги негираат обвинувањата.
Покрената е постапка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) за обвиненија за геноцид, како и пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) за воени злосторства во Газа. Ставот на Албанезе во врска со геноцидот е поддржан од бројни признати експерти за геноцид и организации за човекови права.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Албанезе синоќа порача дека „цврсто и самоуверено стои на страната на правдата, како и секогаш“, без директно да ги спомене санкциите на САД. Во изјава за Ал џезира, таа го опиша потегот на САД како „мафијашка техника за заплашување “.
Во последните недели, Албанезе испрати серија писма до владите ширум светот, барајќи од нив да извршат притисок врз Израел – вклучително и воведување санкции – за да се стави крај на уништувањето на Газа. Таа, исто така, јавно ги поддржа обвиненијата од Меѓународниот кривичен суд против израелски функционери, вклучувајќи го и премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Нејзиниот последен извештај именува повеќе американски корпорации како соучесници во израелската окупација и војната врз Газа.
Во порака на социјалните медиуми, американскиот државен секретар Марко Рубио напиша: „Војната на Албанезе со политички и економски средства против САД и Израел повеќе нема да се толерира. Ние секогаш ќе стоиме со нашите партнери во нивното право на самоодбрана“.