понеделник, 12 јануари 2026

Руте: Трамп ги прави вистинските нешта за НАТО, бидејќи поттикнува на повеќе вложувања во одбраната

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денес во Загреб изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ги прави вистинските работи за НАТО, бидејќи охрабрува поголеми инвестиции во одбраната и нагласи дека сите сојузници во Алијансата се согласуваат за важноста на безбедноста на Арктикот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Верувам дека Доналд Трамп го прави вистинското за НАТО охрабрувајќи нè сите да трошиме повеќе за да се усогласиме со трошоците на САД“, кажа Руте на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

На прашање на новинар, тој одговори дека „сите сојузници се согласуваат за важноста на безбедноста на Арктикот, бидејќи отворањето на морските патишта претставува ризик од руските и кинеските активности“.

Според него, НАТО дискутира како да ја постигне оваа безбедност.

На прашањето за американските претензии за Гренланд, Руте исто така кажа: „Наш приоритет е да го зачуваме Арктикот безбеден“.

На тоа прашање, Пленковиќ одговори дека „сојузниците мора да се почитуваат едни со други, што важи и за САД“.

„Сигурен сум дека може да се најде решение со разговори. Гренланд е дел од Данска и затоа висококвалитетен дијалог може да ја реши оваа ситуација“, рече Пленковиќ.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денес пристигна во работна посета на Хрватска, како дел од неговата посета на земјите-членки.

По пристигнувањето во Загреб, тој и премиерот Пленковиќ ја посетија касарната „Полковник Марко Живковиќ“ во Плесо, каде што ги виде француските борбени авиони „рафал“, турските беспилотни летала „бајрактар“ и американските хеликоптери „УХ-60М блекхок“, а потоа разговараше со хрватскиот премиер и се сретна со претставници на хрватската одбранбена индустрија.

По средбата со Пленковиќ, Руте ја пофали Хрватска во заедничка изјава за новинарите, велејќи дека од нејзиното пристапување во 2009 година, таа е важна членка на НАТО што придонесува за заедничката безбедност.

Тој ја нагласи важноста на „улогата на Хрватска во стабилизацијата на регионот“, велејќи дека хрватските војници учествуваат во мисијата во Косово.

Руте истакна дека „безбедносен вакуум нема да се дозволи“ и додаде дека Хрватска е „клучен партнер“ во ова.

Генералниот секретар особено нагласи дека „Хрватска се покажа како партнер на кој Украина може да се потпре“ и дека од 2022 година донирала повеќе од 300 милиони во опрема, хеликоптери и заштитна опрема.

„Украинската безбедност е наша безбедност“, нагласи Руте.

На прашањето за членството на Украина во НАТО, Руте одговори дека претходно е дадена изјава за патот на Украина кон НАТО и дека некои сојузници се против тоа или се сомничави, како Унгарија.

„Она што го дискутираме во „Коалицијата на спремните“ е како да се осигуриме дека Русија никогаш повеќе нема да нападне по мировниот договор“, истакна Руте.

Тој ги поздрави напорите за модернизација на хрватската војска, велејќи дека бил „импресиониран“ кога видел како се обновени воздухопловните сили и ја пофали Хрватска за преземањето на контролата врз нејзиниот воздушен простор оваа година.

Во заедничка изјава Пленковиќ кажа дека владата прави сè во однос на исполнувањето на обврските преземени на самитот на НАТО, дека во 2025 година издвоила 2,08 проценти од БДП за одбрана и потсети дека хрватските вооружени сили учествуваат во дури пет мисии, со околу 270 припадници на хрватската армија.

Пленковиќ кажа и дека Украина не само што ја брани својата слобода, туку и демократијата, вредностите и безбедноста на Европа.

„Затоа е важно да се разбере дека последиците од руската агресија беа повеќе од очигледни на континентот, на Хрватска, на нашата енергетска ситуација“, кажа хрватскиот премиер.

Тој најави дека Хрватска ќе биде домаќин на неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО следната пролет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ