Руте во воведното обраќање на тркалезната маса во Брисел, на која учествуваат и министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, рече дека Русија „продолжува да ја тестира нашата способност за одвраќање“ и дека се „соочуваме со вистински и трајни опасности“.
Руте рече и дека Русија го нарушила воздушниот простор на земјите членки на НАТО со авиони и дронови, изведувала саботажи и испраќала шпионски бродови во нивните води.
„Тие постапки се непромислени и опасни“, додаде тој.
Руте исто така рече дека Русија „блиску соработува“ со Кина, Северна Кореја и Иран „за да ги наруши нашите општества и да ги поништи глобалните правила“ и дека „се подготвува за долготрајна конфронтација“.
Руте наведе дека земјите членки на НАТО „ги зголемуваат своите вложувања во одбраната, но дека сите мора да го понесеме својот дел од товарот“.
Тој додаде дека на Украина „нашата поддршка ѝ е потребна повеќе од кога било“, како што се приближува зимата, а руските напади продолжуваат.
Би-би-си наведува дека се очекува на состанокот на тркалезната маса на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО да се разговара за тековните мировни преговори, како и за прашања поврзани со одбраната.
Агенцијата Ројтерс пренесе дека Руте денес рекол дека е добро што се во тек мировни преговори за завршување на војната во Украина, но дека е неопходно да се обезбеди Украина да биде во што е можно посилна позиција.
Петчасовните разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп, кои вчера беа одржани во Москва, изгледа дека не успеале да доведат до пробив во постигнувањето мировен договор за Украина.
Портпаролот на Кремљ рече дека состанокот во Москва бил „конструктивен“, но дека делови од планот и понатаму се неприфатливи за Русија.
Трамповиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот Џеред Кушнер учествуваа во разговорите со Путин по неколку недели интензивна дипломатија насочена кон завршување на војната.
Американскиот тим не ги коментираше разговорите по заминувањето од Москва.
Путин вчера ја предупреди Европа дека ќе претрпи брз пораз ако влезе во војна со Русија, и ги отфрли европските предлози за Украина непосредно пред вчерашната средба во Кремљ со двајцата највлијателни претставници на Доналд Трамп.
„Ако Европа одеднаш посака да започне војна со нас и ако ја започне“, рече вчера Путин, „тогаш за Европа таа би завршила толку брзо што во Европа не би имало кој да преговара.“






