На прашањето зошто е толку тешко да се оконча војната во Украина, генералниот секретар на НАТО, во интервју објавено денес за германскиот весник Билд, одговори дека „причината е Путин“ кој е „подготвен да жртвува 1,1 милион свои граѓани“.
„Оваа година, неговиот (Путиновиот) напредок беше минимален: занемарливи територијални придобивки, помалку од еден процент од територијата на Украина од почетокот на годината и, според нашите проценки, до 1,1 милион луѓе се убиени или ранети на руска страна“, кажа Руте.
Тој додаде дека „неколку европски земји изјавија дека се подготвени да обезбедат сили, доколку е потребно“.
„Во тек е работа за дефинирање на прецизната структура на „коалицијата на спремните“: Како би се одвивало распоредувањето? Што би се случило на копно, на море, во воздух? Сите овие елементи сè уште се разработуваат“, кажа Руте.
Тој кажа дека „многу го почитува“ американскиот претседател Доналд Трамп затоа што „тој е единствениот кој успеа да го донесе Путин на преговарачка маса и единствениот што конечно може да го натера да склучи мир“.
Иако Трамп веќе „неколку пати го изгуби трпението“, генералниот секретар на НАТО „апсолутно не очекува“ дека САД ќе ја повлечат својата поддршка за Украина и дека размената на информации и испораките на оружје за Украина ќе продолжат.






