„Секако“, кажа тој на прашање на новинар на Паис за можноста за завршување на конфликтот до крајот на годината. „Сите се молиме оваа војна да заврши што е можно поскоро“, додаде Руте.
Сепак, тој предупреди дека дури и ако се постигне договор, „Русија ќе остане долгорочна закана“.
„Секогаш е тешко да се предвиди, но искрено се надевам дека мирот наскоро ќе дојде. Секако, по разговорите во Женева, потребни се уште неколку состаноци, како и одделни, паралелни дискусии за одредени прашања со Европската Унија и НАТО. И сè уште не сме стигнале до таа точка“, кажа тој.
Осврнувајќи се на планот на Доналд Трамп за Украина, Руте оцени дека тој има „цврсти елементи“, додека на други сè уште треба да се работи.
Кога станува збор за членството на Украина во НАТО, Руте рече дека „Русија нема ниту право на глас, ниту право на вето кој може да стане членка на НАТО“.
Меѓутоа, тој призна дека бидејќи членството бара едногласна согласност од сите членови, а некои сојузници предводени од Соединетите Американски Држави се противат на тоа, Украина нема многу шанси да стане членка на Алијансата. Затоа тој верува дека треба барем да добие „силни безбедносни гаранции“. Не прецизираше од кого.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема конкретен рок за Русија и Украина да постигнат мировен договор, со што се откажува од рокот Украина да го прифати неговиот мировен план до четврток.
Како што им кажа на новинарите во пресрет на празникот Денот на благодарноста, „крајниот рок за мене лично е денот кога сè ќе заврши“.
Тој оцени дека Русија е доминантна страна во конфликтот и дека би било во најдобар интерес на Украина да постигне договор.
„Русија би можела да добие дел од украинската територија во следните неколку месеци“, кажа Трамп, додавајќи дека преговорите за безбедносни гаранции за Украина се во тек со европските партнери.






