Сепак, во интервју за Ројтерс Руте упати пофалби и кон Шпанија, која стана предмет на гневот на Трамп затоа што одби да дозволи американските воени бази на нејзина територија да се користат во американско-израелскиот напад на Иран.
Руте, поранешен премиер на Холандија, беше избран за челник на НАТО делумно и поради силната врска со Трамп, за која дипломатите велат дека помогнала воениот сојуз да остане заедно и покрај критиките на американскиот претседател на сметка на организацијата и нејзините членки.
Меѓутоа, поединечни функционери, аналитичари и коментатори го обвинија Руте дека претерано го фали Трамп, тврдејќи дека тоа е понижувачко за Европа и дека ја намалува способноста на континентот сам да се брани.
„Ги слушам тие критики, секако. Не сум глув“, рече Руте во интервјуто за британската агенција во седиштето на НАТО во Брисел.
Познато е дека на еден самит на НАТО Руте го спореди Трамп со „татко“, кој интервенираше во минатогодишниот судир меѓу Израел и Иран.
Неодамна силно ја поддржа и новата американско-израелска воена акција против Иран, иако лидерите на некои членки на НАТО, како Шпанија и Турција, ја критикуваа интервенцијата, додека други не ја поддржаа.
Во интервјуто Руте рече дека Трамп одиграл клучна улога во тоа сојузниците во НАТО минатата година да се согласат на нова цел за издвојување за одбраната од 5% од БДП, од кои 3,5% за основната одбрана, а 1,5% за пошироките безбедносни трошоци.
Претходната цел на НАТО беше издвојување 2% од БДП за основната одбрана.
Руте американско-израелскиот напад на Иран го нарече и „одлучна акција насочена кон отстранување на способноста на Иран да претставува закана како извозник на тероризам и хаос на Блискиот Исток, во Европа и во светот“.
„Мислам дека, ако претседател на една земја покажува таков вид лидерство, одредена пофалба е оправдана“, рече тој.
Трамп во вторникот се закани со целосно трговско ембарго на САД кон Шпанија поради спорот околу воените бази, а повторно го критикуваше Мадрид и поради тоа што не ја прифати целта за издвојување 5% од БДП за одбраната.
На прашањето за спорот меѓу Трамп и шпанскиот премиер Педро Санчез, Руте го пофали придонесот на Шпанија во НАТО.
„Нивните трупи учествуваат во многу копнени операции во странство, во многу иницијативи и НАТО мисии. Навистина сакам да ги пофалам за тоа“, рече тој.
На прашањето дали разговарал со Трамп и Санчез за да ги намали тензиите меѓу нив, Руте одговори: „Кога постојат несогласувања меѓу сојузниците, секогаш настојувам да останам малку воздржан и така, ако е потребно, да помогнам работите да се смират.“






