четврток, 22 јануари 2026

Руте: Добро е што Трамп се врати

Шефот на НАТО тврди дека претседателот на САД е заслужен што Европејците ги зголемија издвојувањата за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Добро е што Доналд Трамп повторно е избран за претседател на САД, бидејќи сојузниците во НАТО без него немаше да ги зголемат издвојувањата за одбрана, изјави вчера генералниот секретар на воениот сојуз Марк Руте.

Изјавите на Руте во Давос доаѓаат во момент кога Трамп ги засилува заканите дека ќе го преземе Гренланд од Данска, со потег што би го поткопал повеќедеценискиот трансатлантски сојуз – можеби и фатално, оценува порталот Политико.

„Сега не сум популарен кај вас затоа што го бранам Доналд Трамп, но навистина верувам дека можете да бидете задоволни што тој е тука, бидејќи нè натера во Европа да се разбудиме, да се соочиме со последиците од тоа дека мора да се грижиме за поголем дел од сопствената одбрана“, рече Руте на панел-дискусијата со наслов „Може ли Европа да се одбрани?“ на Светскиот економски форум.

Според Руте, големите европски економии, вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Франција, никогаш не би се согласиле да издвојуваат 2 отсто од БДП за одбрана доколку Трамп повторно не станел претседател на САД.

„Нема шанси – без Доналд Трамп ова никогаш немаше да се случи. Сите сега се на два отсто“, рече Руте. „Апсолутно сум уверен дека без Доналд Трамп немаше да ги донесете тие одлуки и дека тие се клучни, особено за европската и канадската страна на НАТО, за навистина да созреат во постстуденовојниот свет.“

Холандија, чиј премиер Руте беше 14 години, од 2010 до 2024, беше обвинувана дека за време на неговиот мандат недоволно издвојувала за одбрана, истакнува бриселскиот портал.

Руската инвазија врз Украина во 2022 година ги натера европските земји да ја зголемат воената потрошувачка, но и да се подготват за можно намалување на бројот на американските војници на континентот, додека Трамп ги пренасочува американските воени приоритети.

„Американците и понатаму имаат повеќе од 80.000 војници во Европа… вклучително и во Полска и Германија, и така и натаму се силно ангажирани во европската одбрана. И да, тие мора повеќе да се насочат кон Азија. Затоа е сосема логично да очекуваат ние, Европа, со текот на времето да преземеме поголем дел од товарот“, продолжи Руте, додавајќи дека нуклеарниот чадор е крајната гаранција.

Сојузниците во НАТО минатото лето постигнаа договор за поставување нова цел за издвојувања за одбрана од пет отсто од БДП до 2035 година. Тој услов првично го покрена Трамп, кој повеќепати ги вознемири сојузниците навестувајќи дека би можел да го напушти воениот сојуз што е темел на европската безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ