„Ситуацијата е следнава – Соединетите Американски Држави (САД) и некои други земји изјавија дека се против членството на Украина во НАТО. Официјалниот став на НАТО… е дека постои неповратен пат за Украина кон НАТО. Но она за што зборуваме овде не е членство во НАТО, туку безбедносни гаранции во стилот на Членот 5 за Украина, а што точно ќе подразбираат тие, сега ќе биде подетално разгледано“, рече Руте во интервју за Фокс њуз.
Членот 5 од основачкиот договор на НАТО го воспоставува принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз која било од 32-те членки се смета за напад врз сите. Приклучувањето кон Организацијата на Северноатлантскиот договор е стратегиска цел на Киев, загарантирана во Уставот на земјата.
Коментарите на Руте сугерираат дека на Украина би можело да ѝ се понуди безбедносна гаранција од таков обем наместо членство во НАТО, кое рускиот претседател Владимир Путин го отфрли, објави Ројтерс.
По самитот со Путин во Алјаска во петокот, американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со лидерите на НАТО и европските лидери, во Белата куќа.
Руте изјави за Фокс њуз дека на состанокот се разговарало за безбедносни гаранции за Украина, но дека немало дискусија за испраќање трупи на терен.
Трамп ги опиша вчерашните средби како „многу добри“ и рече дека му се јавил на Путин за да започне со подготовките за состанок меѓу рускиот и украинскиот претседател, пред трилатералниот состанок, на кој би учествувал и тој.






