Но нападот врз Иран значи дека многумина сега го гледаат како сѐ поголема закана и за самата Русија и се прашуваат дали Трамп е навистина прагматичниот, потенцијално проруски силен лидер подготвен за реалполитички договори, за каков што го сметаа.
Некои од тие „јастреби“ јавно бараат Москва да ги напушти мировните преговори со Украина, во кои посредуваат САД, и наместо тоа уште посилно да ја засили војната таму. Тие тврдат дека американско-иранските нуклеарни преговори што му претходеа на американско-израелскиот воздушен напад биле циничен маневар што покажува дека на Вашингтон не може да му се верува.
„Непринципиелните Соединети Американски Држави се закана за целиот свет“, изјави националистичкиот тајкун Константин Малофеев. „Тоа се тие САД со кои се обидуваме да преговараме за Украина. Да, тие сакаат слаба Европа. Но сакаат и слаба Русија.“
Влијателниот воен блогер Борис Рожин, познат под псевдонимот „Полковник Касад“, изјави дека Трамп е чудовиште што полудело затоа што сѐ му поминува неказнето.
„Сериозно да се смета на какви било договори или спогодби со него (чудовиштето) е или глупост или предавство“, рече Рожин.
Андреј Сидоров, истакнат академик, отиде уште подалеку и за државната телевизија изјави дека Трамп е „опасен човек“ и дека жали што американскиот претседател го преживеал атентатот во јули 2024 година пред повторно да биде избран подоцна истата година.
„Сега разбираме кој управува со светот“, рече Сидоров. „Ако погледнете што прави Трамп сега, чекор по чекор, практично никој не може да го запре. Да бидеме искрени — Русија е заглавена во Украина. Практично сега се занимаваме само со украинското прашање. А нашиот главен противник (САД) дејствува како посредник во тие преговори.“
Кремљ, кој сѐ уште се надева дека Трамп би можел да помогне во завршување на војната во Украина под услови прифатливи за Москва и да дејствува кон пошироко приближување меѓу САД и Русија, ги осуди американските потези во Иран како „неиспровоцирана агресија“. Сепак, избегна лично да го критикува Трамп и на Иран не му понуди конкретна материјална помош освен дипломатска поддршка, вели Ројтерс.
Москва исто така соопшти дека верува дека е во нејзин интерес да продолжи со мировните преговори за Украина, иако настаните во Иран создаваат неизвесност околу времето и местото на следната рунда разговори.
Соопштението на Кремљ сигнализира дека Москва, барем засега, ќе се обиде да одржи деликатна рамнотежа — да остане во доволно добри односи со Трамп за да го задржи вклучен во прашањето за Украина, но и да ги критикува неговите политики со кои не се согласува.
Некои руски и западни аналитичари не веруваат дека Москва во оваа фаза може многу да направи за да му помогне на Техеран, особено затоа што Русија веќе увезуваше, усовршуваше и почна да произведува сопствени дронови базирани на ирански дизајн.
Некои во случувањата поврзани со Иран гледаат и потенцијална добра страна за Русија. Кирил Дмитриев, специјален пратеник на Владимир Путин, укажа на можноста дека растот на цените на нафтата — кои сѐ уште не пораснале колку што ѝ е потребно на Москва за да го балансира буџетот — може да им помогне на државните финансии, додека попустите на руската нафта што се продава во земји како Кина и Индија би можеле да се намалат.
Некои руски аналитичари сугерираат и дека Украина би можела да добива помалку американско оружје и муниција, бидејќи противракетните системи би можеле да бидат испратени во земјите од Персискиот Залив, а вниманието и поддршката на САД би можеле да се намалат ако конфликтот на Блискиот Исток потрае.
Острата реторика на хушкачите сепак ја одразува реалната вознемиреност во рускиот безбедносен и политички естаблишмент. Тие гледаат сѐ поагресивен американски претседател, кој го слабее влијанието на Москва на светската сцена во момент кога Русија е врзана за војната во Украина и не може да ги штити своите интереси како што некогаш тоа го правеше Советскиот Сојуз.
Тврдат дека Трамп систематски ги отстранува сојузниците на Русија. Потсетуваат на судбината на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кого во декември 2024 година го соборија опозициски сили чиј лидер подоцна беше примен од Трамп во Белата куќа; на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кого во јануари американските сили го уапсија; и на иранскиот ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен за време на викендот во заеднички американско-израелски напади.
Судбината на долгогодишниот сојузник Куба, која исто така е на мета на Вашингтон, дополнително ги загрижува.
Критичарите на Трамп го обвинуваат дека е премногу благ кон Москва и дека со самитот на Алјаска минатата година погрешно „го извлекол Путин од изолација“. Но некои тврдокорни Руси се толку вознемирени поради отстранувањето на важните сојузници на Москва што стравуваат дека Трамп еден ден би можел да го насочи вниманието и кон Русија, иако тој никогаш не навестил дека тоа е на неговата агенда.
„Ако Иран издржи, сѐ може да тргне во друг правец. Ако падне, ние сме следните“, изјави ултранационалистичкиот филозоф и тврдокорен идеолог Александар Дугин, кој некогаш гледал во Трамп голема надеж за Русија.
„Кога Трамп ѝ беше верен на изворната идеологија МАГА, имавме заеднички точки. Како што Трамп брзо се оддалечуваше од МАГА и се приближуваше до неоконзервативците, тие точки на допир брзо исчезнаа. Подобро е да немаме никаква врска со овој денешниов Трамп“, рече Дугин.






