недела, 7 декември 2025

Руските сили до украинските војници во Покровск и Купјанск: „Опколени сте, предајте се“

Русија денес објави дека украинските војници во градовите Покровск и Купјанск се опколени, дека руските сили ги спречуваат да се повлечат и дека треба да се предадат бидејќи во спротивно немаат шанси за преживување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Русија настојува да го освои Покровск, познат како „портата кон Доњецк“, од 2024 година како дел од обидот за освојување на целиот регион Донбас, каде што украинските сили сè уште контролираат околу 10 отсто од територијата, или 5.000 квадратни километри.

За разлика од фронталните напади што Русија ги користеше против други градови, руските сили ги нападнаа Покровск и Купјанск од повеќе насоки за речиси целосно да ги опколат украинските војници, додека помалите, многу мобилни единици и беспилотни летала ја нарушија логистиката и предизвикаа хаос зад украинските линии.

Тактиките на Москва во двата града доведоа до она што руските воени блогери го нарекуваат сива зона, каде што ниту една страна нема целосна контрола, но ѝ отежнува на Украина да се одбрани. Картите на фронтовската линија покажуваат дека руските сили се на само неколку километри од целосно опкружување на Покровск и дека држат значаен дел од Купјанск каде што напредуваат по главниот пат кон градот.

Руското министерство за одбрана е директно го негираше тврдењето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, според кое украинските сили се нападнати, како што кажа, од само 60 руски војници во Купјанск.

Министерството соопшти дека украинските единици се заробени и нивната позиција брзо се влошува додека руските сили напредуваат, „поради што нема да има друга опција за украинските војници да се спасат освен со доброволно предавање“.

Речиси четири години од почетокот на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, Русија се обидува да го заземе целиот регион Донбас и напредува кон регионите Харков и Дњепропетровск во источна Украина.

Руската војска тврди дека сега контролира над 19 проценти од Украина, или околу 116.000 квадратни километри. Според мапите на проукраински извори, Русија годинава окупирала повеќе од 3.400 квадратни километри украинска територија.

Украинската служба за одбрана и разузнавање вчера објави дека во градот Покровск во регионот Доњецк во тек е специјална операција. Специјалните сили се обидуваат да се спротивстават на руските напори да ја прошират својата предност над логистичките рути.

„Специјалната единица Тимур на Украинската служба за одбрана и разузнавање ја продолжува својата операција во една од областите на Покровск во регионот Доњецк, кој е стратегиски важен за логистиката на линијата на фронтот. Жестоки борби против руските окупатори се во тек“, се вели во соопштението.

Ројтерс објави дека контранападот почнал минатата недела со истоварување на украинските сили од хеликоптери „блек Хок“. Исто така, се појави видео на кое се гледаат најмалку 10 војници како се истоваруваат на отворено поле. Локацијата и датумот на снимката не се независно потврдени.

Руското министерство за одбрана потоа објави дека украинскиот контранапад е спречен. „Сите 11 лица кои слетаа од хеликоптерот беа убиени“, истакнаа Русите.

Александар Сирски, врховниот командант на вооружените сили на Украина, во неделата изјави дека нема опколување или блокада на Покровск или Мирноград. Тој исто така кажа дека е во тек комплексна операција за уништување и потиснување на руските сили во Покровск.

Покровск е патен и железнички центар во регионот Донецк во источна Украина и се наоѓа на клучен пат што го користи украинската војска за снабдување на други ранливи источни позиции. Заземањето на Покровск, кој руските медиуми го нарекуваат „порта на Доњецк“, би ѝ дало на Москва платформа за понатамошни напади.

Со падот на Покровск, руските сили најверојатно би ги насочиле своите напори кон стабилизирање на новата линија на фронтот и консолидирање на освоената територија. Потоа, пробивот на север кон двата најголеми преостанати градови во Доњецк, кој е под контрола на Украина, Краматорск и Славјанск, би можел да биде клучен.

Освојувањето на Покровск им дава можност на руските сили да продрат кон запад, односно да го нападнат украинскиот Дњепропетровски регион, градовите Павлоград и Днепр, кој пред војната беше четвртиот најголем град во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ