Старовојт бешее разрешен утринава по наредба на рускиот претседател Владимир Путин. Агенцијата Асошиејтед прес објави дека Кремљ не дал причина за разрешувањето, но навел дека во текот на викендот стотици летови од аеродромите во Москва и Санкт Петербург биле откажани или одложени, а дека имало и прекини на други места поради нападите од украински беспилотни летала.
Руската агенција ТАСС објави дека Путин го назначил поранешниот гувернер на Новгородската област, Андреј Никитин, за вршител на должноста министер за транспорт, кој одговорил дека тоа е чест за него.
Истражниот комитет на Руската Федерација објави дека се претпоставува дека Старовојт си го одзел животот, јавува Ројтерс.
„Денес, телото на поранешниот министер за транспорт на Руската Федерација, Роман Старовојт, беше пронајдено со прострелна рана во неговиот личен автомобил“, се наведува во официјалното соопштение на Комитетот.
Руските медиуми претходно тврдеа дека разрешувањето на Старовојт е најава за значајна реконструкција на транспортниот сектор во Русија во услови на итните проблеми предизвикани од војната против Украина.
На средбата со Путин, новиот вршител на должноста министерот Никитин презентираше план за дигитализација на транспортниот сектор со цел да се ублажат застоите во товарниот сообраќај.
Разрешувањето на министерот Старовојт предизвикало и шпекулации за неговата поврзаност со корупциски скандали додека бил гувернер на Курската област.
Старовојт беше разрешен по малку повеќе од една година на функцијата. Руски извори укажуваат дека неговото разрешување било планирано пред Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатиот месец.






