среда, 18 март 2026

Рускиот амбасадор: Нема да ѝ го свртиме грбот на Србија

Рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко ги нарече американските санкции за Нафтената индустрија на Србија (НИС) „политички потег“ и кажа дека руската страна нема намера да ѝ го сврти грбот на Србија во таа ситуација, објави руската агенција ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нафтената индустрија на Србија, која е во мнозинска руска сопственост, вчера не доби ново одложување на санкциите на Вашингтон воведени против рускиот енергетски сектор. Во август Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) на министерството за финансии на САД, со ново едномесечно продолжување на лиценцата, овозможи продолжување на испораката на сурова нафта до НИС до 29 септември, а потоа дополнително само до 8 октомври.

Рускиот дипломат кажа дека амбасадата е во постојан контакт со раководството на НИС, оценувајќи дека компанијата е „доста добро подготвена за оваа ситуација, бидејќи се знаеше дека порано или подоцна“ ќе следат тензии по стапувањето во сила на американските санкции.

„Тие имаат залихи, имаат можности да се снајдат. Во секој случај, не мислам дека треба да очекуваме недостиг, ниту аларми на пазарот, дури и кога станува збор за енергетската безбедност на Србија“, изјави Боцан-Харченко.

Тој најави дополнителни контакти меѓу НИС, српската страна и Газпром, како и меѓу владите на двете земји, без да прецизира детали и можни решенија. Додаде дека контактите ќе продолжат во наредните денови и дека „можеби ќе има нешто ново“.

„Сега кога се воведени санкциите, најважно е да го прифатиме без никакви зголемени емоции, бидејќи тоа не е изненадување за нас. На крајот на краиштата, тоа е целосно политички потег, нема ништо во позадина во врска со економијата и енергијата. Тоа е целосно политички потег“, истакна рускиот амбасадор во Србија.

Тој повтори дека Газпром е сигурен партнер и дека „руската страна нема намера да ѝ сврти грб на Србија во оваа ситуација“. „Како дел од нашата билатерална соработка, Србија ќе има енергетска безбедност како и досега“, кажа рускиот дипломат.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера, во вонредно обраќање по повод почетокот на примената на американските санкции, навести дека тоа „ќе има сериозни политички, економски и социјални импликации за земјата“.

Вучиќ, наведувајќи дека како резултат на примената на санкциите, Хрватска го прекинала протокот на нафта до рафинеријата во Панчево, изјави дека НИС може да работи без снабдување до 1 ноември и дека оттогаш почнува „вистинскиот проблем со дериватите“, иако има залихи до Нова Година.

На почетокот на јануари оваа година, американското министерство за финансии воведе санкции против рускиот енергетски сектор, вклучително и НИС. Компанијата оттогаш доби неколку одложувања на санкциите, од кои последното важеше до 8 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ