понеделник, 9 јуни 2025

Руски воен ветеран загина во експлозија во јужна Русија (ВИДЕО)

Заменик-гувернерот и истакнат ветеран од руската војна во Украина, Заур Александрович Гурциев, загина рано утрово во експлозија во јужна Русија, соопштија властите.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Гурциев (29) и уште еден маж загинаа во улична експлозија во Ставропол за која истражителите велат дека „е извршена со помош на импровизирана експлозивна направа“, објави Си-ен-ен.

„Во рамките на истрагата, се врши увид на местото на настанот, наложени се вештачења и се спроведуваат сите неопходни истражни мерки за утврдување на сите околности на инцидентот“, соопшти денеска рускиот Истражен комитет.

Видеата што кружат на интернет и во државните медиуми наводно го покажуваат моментот на експлозијата – кога Гурциев се среќава со друг човек на темна улица покрај ред паркирани автомобили.

По експлозијата, на видеото се чини дека Гурциев лежи на земја додека другиот маж е погоден од ударот на експлозијата.

Според информациите на службите за вонредни состојби, пренесени од државната новинска агенција ТАСС, мажот што загинал со Гурциев изнајмил стан во зграда во близина на местото на експлозијата.

Регионалниот гувернер Владимир Владимиров напиша на Телеграм дека „се разгледуваат сите опции, вклучително и организација на терористички напад“ во кој би можела да биде вклучена Украина.

Гурциев учествуваше во програмата „Време на херои“ што ја покрена претседателот Владимир Путин за промовирање на ветераните од руската војна во Украина на официјални државни позиции. Неговото назначување за заменик регионален гувернер го соопшти лично Путин.

Според веб-страницата на програмата „Време на херои“, „Гурциев, и покрај својата младост, го предводеше воздушниот дел од операцијата за ослободување на Мариупол“, се вели.

„Тој воведе иновации во технологијата за наведување проектили, што овозможи повеќекратно зголемување на прецизноста и ефикасноста, вклучително и погодок на базата за снабдување во Азов“, се вели.

Руските сили го зазедоа пристаништето Мариупол во 2022 година, по брутална 86-дневна опсада – една од најсмртоносните и најразорни битки откако Москва ја почна својата инвазија на Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ