Фрегатата „Адмирал Григорович“, вооружена со противбродски и противвоздушни ракети, ги придружувала танкерите „Универзал“ и „Енигма“ по должината на јужниот брег на Англија. Иако британскиот брод „Тајдфорс“ бил во близина, тој не презел никаква акција. Во исто време, уште два руски танкери биле забележани како минуваат низ истиот канал без последици, и покрај претходните најави на британскиот премиер Кир Стармер дека ваквите бродови ќе бидат запленети.
Стармер претходно ги овласти на специјалните сили да пресретнуваат танкери кои превезуваат руска нафта, но досега не се запленети бродови. Ова ги зголемува критиките за состојбата на британската морнарица, која веќе се соочува со проблеми и бавни реакции на меѓународните кризи.
Проценките велат дека руската „флота во сенка“ брои околу 700 бродови и транспортира дури 40 проценти од рускиот извоз на нафта, и покрај санкциите. Многу од овие танкери имаат нејасна сопственост и претставуваат потенцијален еколошки ризик.
Воените аналитичари сметаат дека овој потег на Москва е намерна провокација. Како што вели експертот за безбедност Ендру Фокс: „Русите очајно сакаат да го одржат протокот на нафта и војната во Украина да продолжи. Тие си играат со Стармер во моментов. Ако сме сериозни во врска со помагањето на Украина, мора да ги запреме тие бродови. Тоа би испратило јасна порака и би го засрамило Путин. Ние не ја испраќаме таа порака во моментов“.
Британскиот премиер претходно најави зголемен притисок врз руската флота, истакнувајќи: „Путин ги трие рацете за војната на Блискиот Исток затоа што мисли дека повисоките цени на нафтата ќе му ги наполнат џебовите. Затоа ја удираме неговата флота во сенка уште посилно, не само за да ја заштитиме Британија, туку и за да ја изгладниме воената машина на Путин која ја финансира неговата варварска војна во Украина“.
Од друга страна, Русија предупреди за можни последици. Амбасадорот во Лондон Андреј Келин кажа: „Оваа одлука нема да остане без одговор. Се подготвуваат соодветни мерки. Нека биде изненадување за британскиот народ“.
Ситуацијата дополнително ги зголемува тензиите меѓу Москва и Лондон, со ризик секоја понатамошна интервенција да доведе до посериозна ескалација.






