Авионот полетал од Санкт Петербург кон крајот на јануари и застанал во Сочи, Мавританија, Алжир и Доминиканската Република на патот кон Куба. Истиот авион, со регистрациски број РА-78765, летал кон Венецуела, Никарагва и Куба кон крајот на октомври 2025 година, во услови на зголемени тензии меѓу Каракас и Вашингтон.
По американската воена интервенција во Венецуела на 3 јануари, Куба се најде под зголемен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп. Притисокот се интензивираше на 29 јануари, кога Трамп прогласи „национална вонредна состојба“ над Куба со извршна наредба и воведе тарифи за сите земји кои ѝ испорачуваат нафта на Куба, освен ако Хавана не се придржува кон надворешната и безбедносната политика на САД.
Авионот илјушин Ил-76 може да носи до 50 тони товар или до 200 луѓе. Познато е дека во минатото авиони од овој тип превезувале лесно оружје, воена опрема, па дури и платеници за потребите на Русија.
Компанијата Авиакон зитотранс е позната како превозник на воен товар и поради овие активности е под санкции на неколку земји, вклучувајќи ги САД, Канада и Украина, кои ја санкционираа за поддршка на руските воени операции.
„Авиакон зитотранс транспортирала воена опрема како што се ракети, боеви глави и делови за хеликоптери низ целиот свет“, објави Министерството за финансии на САД во јануари 2023 година, кога ја стави компанијата на својата листа на санкции.
„Авиакон зитотранс испорачала одбранбени материјали во Венецуела, Африка и други локации“, додаде министерството. Компанијата, исто така, учествува во извозот на оружје произведено во Русија за државната компанија Рособоронекспорт. Сè уште не е познато каков товар носел авионот на ова патување.
Кога истиот авион полетал кон Венецуела пред нападите на САД, според изјавите на рускиот претставник Алексеј Журавлев и руските државни медиуми, тој испорачал системи за воздушна одбрана со краток дострел панцир-С1 и среден дострел бук-М2Е во Каракас.
Со оглед на димензиите и тежината на двата система, таквата испорака е можна, иако системот бук веројатно би морал да се расклопи поради неговата висина. Сегашната мисија на Ил-76 има впечатливи сличности со претходниот лет во Венецуела, вклучувајќи неколку застанувања во северна Африка и позадина на брзо ескалирачки геополитички тензии над јужноамериканска земја поврзана со Русија.
Во Венецуела, руските системи за воздушна одбрана не успеаја да го спречат американскиот напад во кој беше киднапиран претседателот Николас Мадуро, што експертите го припишуваат на лошо ракување, недостиг од подготовка и супериорни воени способности на САД.
Русија и Куба потпишаа и ратификуваа нов договор за воена соработка во март 2025 година. Со него се воспостави правна рамка за заеднички воени операции, вежби, размена на воени експерти, консултации и снабдување со воена опрема.






