Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп му дозволи на бродот „Анатолиј Колодкин“ да продолжи со работата, и покрај важечката енергетска блокада од страна на Вашингтон.
Кубанските претставници и граѓаните го поздравија пристигнувањето на бродот.
„Благодарни сме на владата и народот на Русија за целата поддршка што ја добиваме. Вредна пратка која пристигнува во среде на сложената енергетска ситуација со која се соочуваме“, напиша министерот за енергетика и рударство Висенте де ла О’Леви на социјалната мрежа Икс.
Куба произведува едвај 40 проценти од своите потреби за гориво и зависи од увозот за одржување на својата енергетска мрежа, а експертите велат дека очекуваната пратка би можела да произведе околу 180.000 барели дизел, доволно за да се задоволи побарувачката за девет или 10 дена.
„Пристигнувањето на танкер за нафта во една земја веројатно никогаш не генерирало толку многу вести како пристигнувањето на рускиот на Куба. Тоа е знак за бруталната опсада што Кубанците ја трпат со херојство и стоицизам. Тоа е демонстрација на криминалната суровост на империјализмот против нација која одбива да биде доминирана“, напиша заменик-министерот за надворешни работи Карлос Фернандез де Козио на Икс.
Куба порано го добиваше поголемиот дел од својата нафта од Венецуела, но испораките беа прекинати откако САД ја нападнаа таа земја и го киднапираа нејзиниот претседател Николас Мадуро.
Оттогаш и Мексико ги прекина испораките бидејќи Трамп се закани на крајот на јануари дека ќе воведе царини за секоја земја која продава или испорачува нафта на Куба.
Трамп во неделата вечерта изјави дека „нема проблем“ со пристигнувањето на рускиот танкер.
„Не ни пречи некој да добие полн брод затоа што им е потребен… мора да преживеат“, им кажа Трамп на новинарите.
Тој изјави дека „Куба е готова“.
„Тие имаат лош режим. Имаат многу лошо и корумпирано раководство и дали ќе добијат брод со нафта или не нема да биде важно“, оцени американскиот претседател.
Танкерот што се вкотви во Куба е под санкции од САД, Европската Унија и Британија од почетокот на војната во Украина.
Поради недостигот на нафта во Куба, земјата западна и во економска криза, а голем број граѓани останаа без електрична енергија, храна и лекови подолг период.






