петок, 3 април 2026

Руски министер: Планираме да испратиме и втор танкер со нафта на Куба

Министерот за енергетика на Русија Сергеј Цивиљов вчера рече дека Москва планира да испрати втор танкер со нафта на Куба поради американската енергетска блокада на тој карипски остров и уште еднаш ја изрази солидарноста на Русија со таа држава, која се наоѓа во исклучително тешка економска состојба.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Два дена претходно, рускиот танкер „Анатолиј Колодкин“, кој е под западни санкции, пристигна во кубанското пристаниште Матанзас со 730.000 барели нафта, што е првпат во последните три месеци некој танкер со нафта да стигне на Куба.

Експертите проценија дека испорачаното количество би можело да биде доволно за производство на околу 180.000 барели дизел, што би ја покрило дневната побарувачка на Куба за девет или десет дена.

На маргините на енергетскиот форум во руски Казан, Цивиљов изјави дека Куба е „во целосна блокада и отсечена“.

„Чија пратка на нафта пристигна? Руски брод ја проби блокадата. Вториот се полни, нема да ги оставиме Кубанците сами во неволја“, рече Цивиљов.

Во Хавана вчера стотици луѓе излегоа на улиците со велосипеди, мотори и мали трицикли, протестирајќи против ембаргото што САД го воведоа кон Куба.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел и други државни функционери го следеа протестот, но не учествуваа. Некои граѓани што возеа електрични тротинети извикуваа: „Кој овде се плаши? Кој овде ќе се предаде?“

Претседателот на САД Доналд Трамп кон крајот на јануари се закани дека ќе воведе царини за секоја земја што ѝ продава или испорачува нафта на Куба, но неодамна изјави дека „нема проблем“ со рускиот танкер што во вторникот достави нафта на Кубанците, додавајќи дека не мисли дека тоа ќе придонесе за опстанокот на кубанската влада.

„Куба е готова. Имаат лош режим. Имаат многу лошо и корумпирано раководство и нема да има никакво влијание дали ќе добијат брод со нафта или не“, им рече Трамп на новинарите во неделата.

Куба произведува околу 40 проценти од потребното гориво и зависи од увозот за да ја одржи енергетската мрежа, која е во многу лоша состојба.

Таа добиваше нафта од Венецуела, но тие испораки беа прекинати откако САД на 3 јануари ја нападнаа таа јужноамериканска држава и го киднапираа нејзиниот лидер Николас Мадуро за да го изведат пред суд. Тогаш и Мексико ги прекина испораките на нафта кон Куба, по заканата на Трамп за воведување царини.

Американската енергетска блокада ја продлабочи енергетската и економската криза на Куба, што доведе до масовни прекини на струја, ограничување на државниот систем за распределба на храна и недостиг од вода и лекови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ