четврток, 19 март 2026

Руски Газпром практично излезе од сопственичката структура на Нафтена индустрија на Србија

Руската компанија Газпром, гигант во трговијата со гас, практично се откажа од сопственоста на Нафтената индустрија на Србија (НИС), бидејќи нејзините акции беа преземени од руската компанија Интелиџенс, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Газпром, кој не е опфатен со санкциите на Соединетите Американски Држави кои му се закануваат на НИС бидејќи поседува голем дел од Газпром њефт, кој е под санкции, префрли околу 11,3 отсто од акциите на НИС на Интелиџенс. Не е познато дали таа компанија е под санкции на САД.

НИС е во опасност да му бидат активирани американските санкции, чие воведување е одложувано шест пати откако беа објавени на почетокот на годината поради таканаречениот „секундарен ризик“ поради неговата поврзаност со Газпром њефт, кој е под санкции на Западот поради руската инвазија на Украина.

По воведувањето на санкциите Газпром њефт префрли околу пет отсто од својот удел во НИС на матичната компанија Газпром, па уделот на Газпром њефт во српската нафтена компанија падна под 50 отсто. Од друга страна Газпром поседуваше околу 11 отсто.

Според документите објавени на Белградската берза во петокот, акционерското друштво Интелиџенс од Санкт Петербург го премина прагот на значително учество од 10 отсто, со стекнување на нешто над 11,3 отсто од акциите, со што доби 18.433.297 гласови во НИС.

Од друга страна, Газпром ги префрли тие акции, но остана со еден глас врз основа на помалку од еден промил сопственост во НИС.

Уделот на Газпром њефт во НИС е околу 44,9 отсто, а државата Србија има 29,9 отсто удел. Некои од акциите им припаѓаат и на помали акционери.

Газпром њефт е во сопственост на рускиот нафтен гигант Газпром, кој контролира околу 95 отсто од својата подружница специјализирана за нафта и нафтени деривати.

Веста за промената на сопственичката структура на НИС првпат беше објавена во неделата од страна на српското списание Недељник.

Истиот ден, во петокот 19 септември, кога се случила трансакцијата, НИС објави дека поднел ново барање до министерството за финансии на САД за одложување на примената на санкциите кон таа компанија.

Санкциите врз нафтената индустрија беа воведени на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“ поради поврзаноста со рускиот Газпром њефт, но нивното спроведување беше одложувано шест пати врз основа на барања од НИС до министерството за финансии на САД.

Последниот пат беа одложени до 26 септември.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во петокот изјави дека не е сигурен колку е реално санкциите против НИС повторно да бидат одложени.

„Се плашам дека тоа нема да се повтори и се плашам дека ќе се најдеме во исклучително тешка ситуација. Ќе дадам се од себе за време на разговорот со Марко Рубио“, кажа Вучиќ, кој присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк каде, според неговата најава, треба да се сретне со американскиот државен секретар.

Во јануари, Вучиќ изјави дека се бара „целосно излегување на Русија од сопственоста на НИС“, што ќе бара трансформација на сопственоста.

Директорот на компанијата Србијагас Душан Бајатовиќ на почетокот на август изјави дека Србија ќе ја купи таа компанија, но руската страна вели дека НИС не е на продажба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ