понеделник, 22 декември 2025

Руски дипломат: НАТО и Русија се опасно блиску до директна војна

Заменик министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков предупреди дека НАТО и Русија се доближиле опасно до директен вооружен конфликт во 2025 година, нагласувајќи ги можните „катастрофални последици“ од војна меѓу нуклеарните сили.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Блискиот соработник на рускиот претседател Владимир Путин ги обвини Соединетите Американски Држави и нивните сојузници за агресивната акција. „Ова беше активно поддржано од некои од највоинствените европски членки на НАТО, особено Велика Британија и Франција, чии постапки беа особено агресивни“, кажа Рјабков денес, а пренесе руската новинска агенција Тасс.

Зборувајќи на дискусија во дебатниот клуб Валдаи, Рјабков ги нарече потезите на поранешниот американски претседател Џо Бајден на крајот на 2024 година, чија цел беше „стратегиски пораз“ на Русија, исклучително провокативни. „Излишно е да се истакнува, особено за оваа публика, дека таков конфликт би имал катастрофални последици“, кажа тој, алудирајќи на опасноста од директна воена конфронтација.

Во текот на 2025 година беа водени преговори меѓу Русија, Украина и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со цел да се стави крај на војната која почна на 24 февруари 2022 година. И покрај одреден напредок нападите од двете страни продолжија, а САД и другите членки на НАТО предупредија на можноста за ширење и ескалација на конфликтот.

Денес беше убиен висок руски генерал во терористички напад со автомобил-бомба во Москва, а истражителите се сомневаат во вмешаност на Украина. Земјите членки на НАТО претежно застанаа на страната на Украина, што дополнително ги затегна односите со Москва.

Додека тензиите растат, дипломатските канали остануваат отворени. Американскиот државен секретар Марко Рубио на 19 декември изјави: „Преговараното решение бара две работи: двете страни да добијат нешто и двете страни да дадат нешто. И се обидуваме да откриеме што може да даде Русија и што очекува да добие; што може да даде Украина и што може да очекува да добие Украина. На крајот, одлуката ќе зависи од Украина и Русија. Нема да зависи од САД“.

Во неделата украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди на социјалната мрежа Икс дека преговорите продолжуваат. „Украинскиот преговарачки тим моментално работи во Флорида – денес ќе има повеќе состаноци со американската делегација, со претставниците на претседателот Трамп. Работата на документите за завршување на војната, за безбедносните гаранции и за реконструкцијата е во тек – тие детално ја разгледуваат секоја точка и има конструктивен ангажман со американската страна. Ова е важно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ