Вакцината против онколошки заболувања се развива со години во Русија и ги поминала сите фази на тестирање врз животни, каде што, како што истакнува Поповиќ, е постигнат стоотстотен успех.
Минатата недела, висока делегација од Руската Федерација ја посети Србија, предводена од академици – директорот на Институтот Гамалеја Александар Гинзбург, и главниот онколог на Русија и директор на најголемиот онколошки центар Херцен, Андреј Каприн.
Во делегацијата беа и претставници на министерството за здравство и на Рускиот фонд за директни инвестиции, а на крајот од посетата беа примени од српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Разговаравме за сите аспекти на идната соработка, вклучително и можноста Србија да се приклучи на примената на оваа револуционерна вакцина. Планирано е нашите пациенти да можат да ја примат оваа вакцина следната година, веднаш по руските пациенти“, кажа министерот, а пренесува РТС.
Вакцината моментално е наменета за третман на меланом и одредени видови рак на белите дробови, но неколку варијанти се во фаза на развој за други форми на рак. Станува збор за персонализирана терапија која се креира индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот генетски профил.
„Генетскиот материјал на пациентот се зема и се комбинира со ткивото во кое се развил туморот. Користејќи ги најновите математички модели и вештачка интелигенција, се добива вакцина дизајнирана специјално за тој пациент во рок од само седум дена“, објасни Поповиќ.
Според руските академици Гинзбург и Каприно вакцината покажала исклучителни резултати дури и кај пациенти со напредни фази на болеста, вклучително и метастази.
„Претходно, ваквите процеси траеја до шест месеци, но сега, благодарение на новите технологии, од дијагнозата до примањето на вакцината минуваат само неколку недели“, додаде Поповиќ.
Според договорот меѓу претседателите Владимир Путин и Александар Вучиќ, Србија ќе биде меѓу првите земји што ќе се приклучат кон примената на оваа терапија.
Формирана е работна група за подготовка на инфраструктурата и медицинскиот персонал, а до крајот на годината, делегација од српски експерти од медицината, микробиологијата и Институтот Торлак ќе биде во Москва. Таму ќе се запознаат со целиот процес – од земање генетски профил до производство на персонализирана вакцина.
„Нашата желба е поголемиот дел од дијагностиката да се прави во Србија, а самата вакцина да пристигне од Русија со ладен транспорт, како што беше случај за време на пандемијата на коронавирусот“, кажа Поповиќ.
Министерот додаде дека до крајот на 2026 година вакцината би можела да се произведува и во Србија, во Институтот Торлак.
Покрај најавата за вакцината, Поповиќ потсети дека веќе е овозможен третман на српски пациенти во Белорусија на кои им е потребна трансплантација.
„Белорускиот центар за трансплантација во Минск, на чело со доктор Олег Рум, е еден од водечките во светот. Таму веќе се извршени три трансплантации на срце, четири трансплантации на црн дроб и една трансплантација на бубрег за нашите пациенти, сите целосно финансирани од средствата на Републичкиот фонд за здравствено осигурување“, истакна Поповиќ.
Тој истакна и дека фондот е зголемен неколку пати за да можат повеќе српски граѓани да се лекуваат во странство.






