Според западни разузнавачки и безбедносни извори цитирани во текстот, распадот на класичната структура на Вагнер по 2023 година не значи исчезнување на мрежата, туку нејзино преобликување во алатка за тајни операции на руската држава.
По смртта на Евгениј Пригожин и формалното распаѓање на структурата на Вагнер, нејзините поранешни канали — регрутери, посредници и логистички мрежи — наводно се преземени или искористени од руските државни служби.
Наместо директни борбени мисии во Африка или Украина, тие сега се користат за операции со мала видливост во Европа.
Со тоа Вагнер се трансформира од паравоена сила во оперативна инфраструктура за хибридни акции.
Мрежата служи како „посредник“ што ѝ овозможува на Москва да дејствува без директна одговорност. Според западните проценки, Москва сè повеќе користи посредници наместо официјални разузнавачи, бидејќи многу руски агенти се протерани од Европа по инвазијата врз Украина.
Се регрутираат локални лица, криминални групи или идеолошки симпатизери за мали саботажни операции. Целите можат да бидат инфраструктура, логистика, складишта, транспорт или симболични објекти.
Овој пристап се смета за дел од пошироката руска стратегија на хибридна војна против Европа, која комбинира саботажа, кибернапади, дезинформации и политичко влијание.
Западните службеници нагласуваат дека ваквите операции често се несофистицирани и понекогаш неуспешни, но сепак претставуваат растечки безбедносен ризик бидејќи се евтини, тешко се поврзуваат директно со државата и создаваат чувство на нестабилност.
Руската воена разузнавачка служба ГРУ „го користи талентот што ѝ е достапен“, рекол еден западен разузнавачки претставник, алудирајќи на мрежата на Вагнер. ГРУ и руската внатрешна безбедносна служба ФСБ во последните години станале исклучително активни во обидите да регрутираат „потрошливи“ агенти во Европа за да предизвикаат хаос.
Користењето криминалци, радикализирани поединци или посредници, вели ФТ, овозможува формално одвојување на државата од операцијата и намалување на политичкиот ризик ако акцијата биде откриена.
Освен тоа, за ситните саботажи се потребни малку ресурси, но можат да создадат медиумски ефект, чувство на несигурност, притисок врз јавноста и институциите.
Фајненшл тајмс наведува дека западните служби стравуваат од палење или оштетување на складишта и логистички центри; напади врз транспортни линии и инфраструктура; акции против објекти поврзани со воена помош за Украина; пропагандни операции што комбинираат физички инциденти и дезинформации.
Овие операции не се насочени кон масовна штета, туку кон психолошки и политички ефект.
Текстот нагласува дека ваквите операции често се несофистицирани, ги изведуваат луѓе без професионална обука, понекогаш пропаѓаат или брзо се откриваат.
Но и покрај тоа, западните влади ги сметаат за опасни затоа што се многубројни, тешки се за следење и создаваат перцепција на постојана закана.
Фајненшл тајмс ја сместува оваа појава во рамките на руската хибридна стратегија против Европа, која вклучува саботажи со низок интензитет, кибернапади и дезинформации, политичко влијание преку екстремни групи.
Целта не е директна воена конфронтација, туку ерозија на стабилноста, довербата и единството во Европа, вели ФТ.
Руските разузнавачки служби обично настојуваат да постават најмалку два „посреднички слоја“ меѓу себе и агентите што сакаат да ги ангажираат, рекол истиот претставник. „Секогаш сакаат одреден степен на негирање на одговорноста… А Вагнер и поединците што биле дел од таа структура имаат долг и близок однос со ГРУ во таков начин на дејствување“, рече тој.
ФСБ, од друга страна, почесто се потпира на криминални и мрежи од дијаспората што со години ги развиваше во руското соседство, но тие се покажале помалку ефикасни во масовно регрутирање, додале соговорниците.
Вагнер и неговите симпатизери веќе имаа силно присуство на социјалните мрежи насочено кон руската публика, што релативно лесно било пренасочено кон меѓународната сцена. Телеграм-каналите што ги користи таа група се покажале изненадувачки професионални и вешти во обраќањето до целната публика, рекол друг европски претставник.
Безбедносните служби притоа имаат барем една предност: она што руските разузнавачки структури го добиваат на обем и пониски трошоци со користење посредници како Вагнер за регрутирање аматерски саботери, го губат во нивото на стручност и тајност на операциите.
Засега се осуетени повеќе напади отколку што се успешно изведени, вели ФТ.






