Унгарската агенција за атомска енергија ги издаде потребните дозволи за почеток на главните работи на почетокот на ноември. Унгарија планира да ја прошири нуклеарната централа Пакш со изградба на два реактори ВВЕР од 1,2 гигавати, а во 2014 година ја додели работата на Нижни Новгород инженеринг, подружница на руски Росатом.
Кон средината на септември судот на Европската Унија го поништи зеленото светло на Европската комисија од 2017 година за унгарска државна поддршка за проширување на нуклеарната централа Пакш, посочувајќи дека е занемарен аспектот на јавните набавки и директно доделување договори за изградба на нови реактори.
Во 2018 година Австрија ја тужеше Европската комисија пред Општиот суд на ЕУ, тврдејќи дека требало да ги провери сите аспекти на унгарската државна помош. Нуклеарната енергија не е решение за климатските промени, ниту е во заеднички европски интерес, тврди Виена.
Првостепениот суд на ЕУ ги отфрли сите австриски аргументи кон крајот на 2022 година, велејќи дека Комисијата не е должна да ги провери сите аспекти на унгарската државна помош. Австрија поднесе жалба на таа пресуда пред Судот на ЕУ, кој заклучи дека ЕК требало да ги земе предвид и прописите на ЕУ за државна помош и прописите за јавни набавки.
Според судските документи, главното финансирање на проектот треба да се спроведе преку руски заем во износ до 10 милијарди евра, а се очекуваше дека уште 2,5 милијарди евра ќе бидат обезбедени од унгарскиот буџет.
Росатом објави дека „продолжува да го спроведува проектот во соработка со унгарските партнери“. Москва и Будимпешта потпишаа договор за долгорочен заем во износ до 10 милијарди евра за изградба на нуклеарна централа во 2014 година, забележува руската новинска агенција Интерфакс.






