Руската војска се бори за протерување на украинските сили од Курск од август минатата година, кога силите на Киев извршија молскавичен упад преку границата и зазедоа дел од руската територија.
Мапите покажаа оваа недела дека позицијата на Украина нагло се влоши во Курск бидејќи војниците се речиси опколени од руските сили.
Украинските сили во август минатата година извршија ненадеен упад во овој регион, заземајќи дел од територијата. Сега Русите го искористија пробивањето на украинските одбранбени линии во близина на градот Суџа, кој е под контрола на Киев. Една од украинските единици, наводно, ги напуштила своите позиции, што му овозможило на непријателот да ги зајакне своите трупи и систематски да започне офанзивни операции.
Украинските војници сега се обидуваат да ја стабилизираат ситуацијата, но руските трупи целосно ги прекинаа линиите за снабдување. Прорускиот воен блогер „Ту мајорс“ денеска на Телеграм објави дека руските трупи извршиле напад врз Суџа, град на околу 9,5 километри од границата и дека ситуацијата за украинските војници во Курск е критична.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази загриженост за актуелната ситуација, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на противвоздушната одбрана и зголемување на санкциите против Русија за да се заштитат животите и да се обезбеди безбедноста на земјата.






