Руското министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое остро ја осудува „употребата на непропорционална воена сила“ за време на американските операции кај Карибите. „Ваквите дејства ги кршат не само американските закони, туку и основните норми на меѓународното право“, се вели во соопштението на министерството.
Кремљ ја повтори својата поддршка за владата во Каракас и претседателот Николас Мадуро во „одбраната на националниот суверенитет на Венецуела“. Портпаролот Дмитриј Песков кажа дека Русија сака „ситуацијата да остане мирна и да нема нови конфликти во регионот“, пренесува руската државна агенција ТАСС.
ТАСС наведува дека Кремљ реагирал на написот на Вашингтон пост, според кој Мадуро побарал руска воена помош, особено во областа на воздушната одбрана. Москва и Каракас неодамна потпишаа договор за партнерство, но како што засега е познато, тој не вклучува одредби за воена соработка.
Министерството за одбрана на САД објави дека во саботата кај Карибите е извршен напад врз мал брод кој, според тврдењата на Вашингтон, превезувал дрога. Тројца мажи беа убиени за време на нападот во меѓународни води.
„Бродот се движел по позната рута за шверц“, порача министерот за одбрана Пит Хегсет на социјалната мрежа Икс, без да даде детали. Заедно со објавата, тој прикачи видео на кое се гледа како ракета го погодува бродот, кој потоа експлодира и исчезнува во пламен. „Американската војска ќе продолжи да ги гони и уништува шверцерите на дрога“, кажа Хегсет.
Од почетокот на септември вооружените сили на САД постојано вршат напади врз бродови за кои тврдат дека шверцуваат дрога во Карибите и источниот дел на Тихи Океан, но без да понудат докази. Според Вашингтон, во тие операции беа убиени најмалку 65 лица.
САД испратија неколку илјади војници, воени бродови и авиони во водите околу Венецуела, вклучувајќи го и најголемиот носач на авиони во светот, УСС Џералд Форд.
Американските постапки беа осудени од меѓународната заедница. Експертите за човекови права на Обединетите нации веруваат дека Вашингтон го крши меѓународното право со своите напади. Правните аналитичари дополнително прашуваат зошто во ваквите операции се користи армијата, а не крајбрежната стража – агенцијата законски одговорна за спроведување на законот на море.






