Манипулирањето со рускиот имот би претставувало кршење на меѓународното право, а Москва има богат арсенал на економски и политички средства за соодветно да одговори, изјави портпаролката на министерството за надворешни работи Марија Захарова.
Русија сака да ги потсети владите на ЕУ, а особено Белгија, каде што е замрзнат поголемиот дел од руските средства, да ги почитуваат своите меѓународни обврски, предупреди таа.
На вчерашниот самит во Копенхаген, лидерите на Европската унија изразија широка поддршка за идејата за користење на руските средства замрзнати на Запад со цел обезбедување заем од 140 милијарди евра за Украина, без конфискација на средствата.
ЕУ сè уште треба да реши сложени правни и финансиски аспекти, а меѓу предлозите е и реституција ако и кога Украина ќе добие репарации од Русија преку мировен договор.
„Не сакам ни да дискутирам за тој концепт, толку е неразумен. Но, зборот репарации ми го привлече вниманието… За какви исплати на репарации зборува Урсула фон дер Лаен?“, праша Захарова.
Русија ја добива војната против Украина, а губитниците плаќаат репарации, додаде таа.
Белгискиот премиер Барт де Вевер денес изјави дека побарал од другите лидери на ЕУ да дадат гаранции дека ќе го споделат ризикот од користење на замрзнатите руски средства во неговата земја за финансирање на кредити за Украина.
Според меѓународното право, имотот на суверените држави не може да се конфискува, па затоа при организирањето на кредитот, ЕУ ќе мора да најде начин да ја почитува сопственоста што ја бара Руската централна банка, но и да ја заштити Белгија од руската одмазда, бидејќи поголемиот дел од тој имот се наоѓа во таа земја.
„Нема бесплатни пари. Секогаш има последици“, изјави Де Вевер пред новинарите во Копенхаген. „Вчера им објаснив на моите колеги дека сакам нивен потпис на кој ќе пишува дека ако ги земеме парите на (рускиот претседател Владимир) Путин и ги користиме, сите ќе бидеме одговорни ако тргне наопаку.“
Русија не соопшти како ќе одговори, но аналитичарите велат дека веројатно ќе ги таргетира средствата на западните компании кои сè уште работат во земјата.
Независниот руски финансиски портал Бел анализираше оваа недела дека планот на ЕУ би можел да предизвика „голема војна на конфискација меѓу Москва и Европа“.






