Русија нареди да се протера член на британскиот дипломатски персонал, кој е осомничен дека работел за разузнавачките служби на Обединетото Кралство.
Федералната служба за безбедност на Русија денеска соопшти дека Гарет Семјуел Дејвис, секретар во Амбасадата на Обединетото Кралство во Москва, работи за британските тајни служби.
Министерството за надворешни работи соопшти дека ја повикало в.д. амбасадорката на Обединетото Кралство, Данае Долахија, за да ѝ врачи формален протест и да побара осомничениот шпион да ја напушти Русија во рок од две недели.
„Москва нема да толерира активности на недекларирани агенти на британските специјални служби на руска територија“, нагласи министерството, додавајќи дека владата има политика на нулта толеранција кога станува збор за прашања од националната безбедност.
Заменик-шефицата на британската мисија одбила да разговара со новинарите при доаѓањето и заминувањето од зградата на Министерството за надворешни работи претходно во текот на денот.
Обединетото Кралство и Русија одамна имаат затегнати односи, обележани со повеќекратни меѓусебни протерувања на дипломатски персонал, често поради сомневања за шпионажа. Москва го обвинува Лондон дека е еден од клучните двигатели на конфликтот во Украина, тврдејќи дека британската влада намерно настојува да ги продолжи непријателствата со цел да се соочи со Русија – стратегија за која руските официјални лица велат дека Обединетото Кралство ја спроведува со децении.






