Русија вчера предложи нова рунда директни преговори со цел да ѝ се презентира на Украина меморандум во кој се наведени клучните елементи за „надминување на основните причини“ за конфликтот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Москва сè уште не добила одговор од Киев.
На прашањето да го коментира предлогот на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, Русија веднаш да го предаде меморандумот, Песков ја отфрли идејата како „неконструктивна“.
„Тука мора или да ја потврдите вашата подготвеност за продолжување на преговорите или да го направите спротивното“, изјави Песков.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров вчера изјави дека Киев веќе го доставил својот меморандум за потенцијално решение и ја повика Русија веднаш да ја поднесе својата верзија, наместо да чека до следната недела.
На претходните преговори на 16 мај не можеше да се постигне договор за прекин на огнот, за кој Москва рече дека е невозможно да се постигне пред да се исполнат одредени услови.
Русија, како дел од своите мировни предлози, сака правно обврзувачки механизми што ќе гарантираат дека конфликтот во Украина нема да продолжи, објави во четврток државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на соопштение од Министерството за надворешни работи.
Министерството соопшти дека Киев е свесен за ставот на Москва дека конечното решение е можно само доколку целосно се отстранат „основните причини“ за конфликтот, пренесе агенцијата.