Програмата, наречена „Разговори за важни прашања“, наменета за деца на возраст од три до седум години, е дел од поширокиот напор на претседателот Владимир Путин за зајакнување на поддршката за националниот идентитет и воените напори на Русија, пишува Бизнис инсајдер.
Новата програма ќе биде тестирана во 100 предучилишни установи низ целата земја, вклучувајќи ги анектираните украински региони Доњецк, Луганск и Запорожје, како и Москва, Калининград и најмалку 17 други руски региони. Целта, според руското министерство за образование, е да се воспитаат „достојни граѓани“ и „да се негува почит кон културата и историјата на Русија“.
Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов изјави во вторникот дека часовите ќе бидат прилагодени на најмладите, користејќи „шарени илустрации, интерактивни задачи и елементи на игра“. „Ова ќе им помогне на децата подобро да апсорбираат информации, да формираат точни идеи за важните животни вредности и на крајот да пораснат во достојни граѓани на својата земја“, рече Кравцов.
Иако министерството наведува дека програмата вклучува лекции за граѓанство, морал и семејство, акцентот е ставен и на поттикнување на „љубовта кон татковината“. „Разговори за важни работи“, кои го промовираат рускиот национален идентитет и воените напори, веќе се задолжителни во средните училишта од 2022 година, кога Москва ја почна инвазијата на Украина.
Русија, исто така, воведе часови по оружје и беспилотни летала во наставната програма за средношколци за да всади патриотизам и основни воени вештини кај цивилното население.
Проширувањето на програмата во градинките дојде откако рускиот претседател Владимир Путин ја изрази својата поддршка за воведување на таква содржина за „најмладите деца“ во октомври. Путин потоа го изрази своето разочарување што, на пример, тешките загуби на Советскиот Сојуз во Сталинградската битка не беа опфатени во учебниците за деца за Втората светска војна.
„Сето ова покажува дека, се разбира, уште од најрана возраст, мора да всадиме одредени основни работи кај детето“, кажа тој на состанок со руски наставници, додавајќи: „Но, повторувам, сè мора да биде во разумни граници“.
Министерството за образование не прецизираше детално кои активности ќе бидат вклучени во пилот-програмата, но објавите на некои руски градинки на социјалните мрежи покажуваат дека многумина веќе доброволно вовеле слична содржина.
Прозападната новинска организација Новаја газета Европа објави во октомври дека повеќе од 560 руски предучилишни установи веќе вовеле „Разговори за важни работи“, а анализата на објавите на социјалните медиуми покажа дека најмалку 19.000 активности се поврзани со поддршка за инвазијата на Украина од страна на Русија.
Власти Вологды первыми в стране ввели еженедельные «Разговоры о важном» в детсадах
Мэрия Вологды во вторник объявила о начале еженедельных занятий с детьми «Разговоры о важном» во всех 78 детсадах города, приурочив этот проект к Году защитника Отечества и 80-летию Победы в… pic.twitter.com/cM682EGKqC
— Новости «Агентства» (@agents_media) January 21, 2025
На руската социјална мрежа ВКонтакте може да се најдат фотографии од деца кои разговараат преку видео повик со руски војник кој наводно се бори во Украина, како и од ученици наредени во формација во чест на руското знаме.
Градинка во регионот Оренбург објави дека одржала час за време на кој децата го држеле грбот на регионот, додека предучилишна установа во Курск поканила поранешен пилот на хеликоптер кој се борел во Авганистан да „им чита песни од негова композиција на учениците за подвизите на хероите од Големата патриотска војна и учесниците во специјална воена операција“.
Во јануари, градот Вологда објави дека сите градски градинки планираат патриотски и воени часови. „На децата ќе им се раскажува за хероите од Големата патриотска војна, воените професии, херојските градови, спомениците, наградите за воени подвизи и многу повеќе“, се вели во соопштението.
Според анализата на независниот руски медиум Агенција, на часовите во Вологда се дискутирало за воените награди, децата учеле како да преврзуваат и се играле игри за оклопни возила. Сето ова се случува во време кога Русија се обидува да ја зајакне домашната поддршка за војната во Украина и да го асимилира населението на анектираните територии, нудејќи им на родителите пари за да ги праќаат своите деца во училишта под руска контрола.
Јавната поддршка е клучна за Кремљ, чии воени тактики се потпираат на скапи пешадиски напади, кои бараат постојан проток на нови регрути. Според украинските разузнавачки служби, Русија ги исполнува целите за регрутирање нудејќи дарежливи бонуси и планира да регрутира 343.000 нови војници оваа година.






