„Постои таква хистерија околу нашите воени пилоти кои наводно кршат одредени правила и упаѓаат во воздушниот простор“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тие тврдења се „неосновани“, кажа Песков на прес-конференција, додавајќи дека руската воена авијација ги почитува сите правила и прописи за воздухопловство.
Претседателот на Соединетите Американски Држави вчера изјави дека земјите од НАТО треба да ги соборуваат руските авиони кои го нарушуваат нивниот воздушен простор, по три наводни упади на руски беспилотни летала и борбени авиони на територијата на Алијансата за помалку од две недели.
Русија секој пат негира одговорност, но НАТО вчера ја предупреди Москва дека „ескалацијата“ мора да престане и изрази подготвеност да се брани со сите средства.
Во понеделникот Данска била принудена да го затвори аеродромот во Копенхаген откако беспилотни летала од непознато потекло прелетале над него.
Претходно месецов Полска, Романија и Естонија пријавија нарушувања на нивниот воздушен простор од страна на руски авиони.
Во текот на ноќта помеѓу 9 и 10 септември, околу 20 беспилотни летала влегоа во Полска, а холандските борбени авиони соборија три од нив, што е првпат во историјата на Алијансата од нејзиното основање во 1949 година.






