вторник, 31 март 2026

Русија нема да им испорачува нафта на земјите кои воведоа ценовен лимит

Русија нема да им испорачува нафта на земјите кои воведоа ограничување на цената, изјави заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко во интервју за рускиот весник Известија, истакнувајќи дека Москва ќе ги базира своите одлуки за можните испораки врз основа на состојбата на односите со поединечните земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Енергетските пазари во моментов се многу нестабилни, со недостиг на понуда и скокови на цените. Русија нема да им продава нафта на оние земји кои воведуваат ограничување на цената на руските барели“, кажа рускиот функционер, осврнувајќи се особено на Јапонија, која засега не покажа интерес за купување.

На крајот на 2022 година групата Г7, ЕУ и Австралија им се заканија на осигурувачите и превозниците со санкции доколку ја услужуваат руската нафта поскапа од 60 долари. Во февруари 2023 година, тие поставија ограничување на цената за руските деривати од 45 долари за барел за тешко гориво и 100 долари за барел за лесни горива, како што се бензинот и дизелот.

Членки на Г7 се САД, Јапонија, Канада, Германија, Франција, Италија и Британија, а ЕУ е целосно вклучена во работата на групата од 1977 година, според веб-страницата на француското претседателство на Г7.

„Јапонската влада се обврза да воведе ограничување на цената за руската нафта. Тоа е антипазарна мерка која ги нарушува синџирите на снабдување“, нагласи рускиот функционер во интервјуто. Тој повтори дека Русија нема да испорачува нафта на земјите кои ја поддржуваат таа „провокативна“ мерка.

Кон средината на март Вашингтон привремено ги укина санкциите за руската нафта за да ги подобри испораките, бидејќи агресијата на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран предизвика прекини во снабдувањето од регионот на Персискиот Залив.

Поради нападите меѓу САД и Израел, Иран ја презеде контролата врз Ормускиот теснец, забранувајќи го транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Бродовите на „пријателските“ земји мора да го координираат својот транзит со иранската морнарица за да се гарантира безбедноста, соопштија иранските власти.

Тајланд, Филипините, Индонезија и Шри Ланка се распрашувале во последните недели за руската нафта, според официјални лица и извештаи на медиумите. Јужна Кореја вчера потврди дека увезла 27.000 тони нафтени производи што се користат во производството на петрохемикалии и пластика од Русија.

„Официјалните барања од странски земји ќе бидат внимателно разгледани“, објави Руденко во интервјуто, додавајќи дека при донесувањето одлуки, Москва ќе даде приоритет на состојбата на руските односи со одредена земја и заштитата на националните економски интереси.

Во меѓувреме руската влада посочи дека планира целосно да го забрани извозот на бензин од 1 април, пренесува агенцијата Интерфакс. Вицепремиерот Александар Новак му наложи на Министерството за енергетика да изготви предлог за одлука.

Забраната ќе остане на сила до три месеци, изјави неименуван извор за руската новинска агенција во петокот. Минатата недела шефот на Газпром њефт Александар Дјуков изјави дека извозот на бензин треба да се забрани два до три месеци со цел да се заштити снабдувањето на домашниот пазар.

Владата на крајот на јануари го забрани извозот на сите видови бензин, дизел, поморско гориво и други гасни масла, но само на компании кои не произведуваат или рафинираат нафта. Забраната треба да остане на сила до крајот на јули.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ