Андреј Келин во интервју за Скај њуз порача дека Русија „не е неутрална“, туку е „на страната на Иран“, додавајќи дека Москва „многу негативно гледа на она што се случува“.
„Во моментов логиката на западните земји е таква што Иран е виновен за сè. Но никој не зборува дека САД и Израел го почнаа нападот врз Иран. А Иран само одговара на тој напад. Тоа едноставно не е праведно“, нагласи Келин.
Тој додаде дека најдобриот можен исход е војната да престане „веднаш“ и страните да се „вратат на мирно, преговарачко и дипломатско решение“.
Според Скај њуз, Москва официјално повикува на деескалација и дипломатски разговори, но истовремено остро ги критикува американско-израелските напади врз Иран.
Би-би-си наведува дека Русија во последните години значително ги зајакнала врските со Техеран, особено во воената и енергетската соработка, што дополнително ја комплицира позицијата на Москва во тековниот конфликт.
Според Ројтерс, руските власти предупредуваат дека понатамошната ескалација на конфликтот би можела да го дестабилизира целиот регион на Блискиот Исток и да има сериозни последици врз глобалната безбедност и енергетските пазари.






