вторник, 17 март 2026

Русија го засили споделувањето разузнавачки податоци со Иран

Русија го засили споделувањето разузнавачки информации и воената соработка со Иран, обезбедувајќи му сателитски снимки и напредна технологија за беспилотни летала за да му помогне на Техеран да ги нападне американските сили во регионот, според информирани извори. Со тоа Москва се стреми да го зајакне својот најблизок партнер од Блискиот Исток во борбата против американската и израелската воена моќ и да ја продолжи војната што ѝ носи воени и економски придобивки, оценува Волстрит џурнал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според изворите, обезбедената технологија вклучува модифицирани компоненти за беспилотни летала „шахед“, наменети за подобрување на комуникацијата, навигацијата и насочувањето. Русија го споделува и своето искуство со користењето беспилотни летала во Украина, нудејќи тактички упатства за тоа колку беспилотни летала да се користат во операциите и од кои височини треба да се нападнат, изјави висок европски разузнавачки службеник.

Два извори, гореспоменатиот службеник и еден дипломат од Блискиот Исток, потврдија дека Русија неодамна почнала директно да му обезбедува на Иран сателитски снимки кои ги прикажуваат локациите на американските воени сили на Блискиот Исток и позициите на нивните регионални сојузници. Аналитичарите истакнуваат дека оваа помош е слична на разузнавачките податоци што американските и европските сојузници ѝ ги обезбедуваат на Украина во последните години.

Сателитските снимки можат да обезбедат подетални информации за копнените и морските цели и нивните движења, што помага при таргетирањето пред нападот, како и при проценка на штетата по него. Податоците кои ги обезбедува Русија доаѓаат од флота сателити управувани од Руските воздушно-вселенски сили (ВКС) кои обезбедуваат разузнавачки информации за воените операции.

„Ако снимките кои ги обезбедуваат Русите содржат детали, како што се специфични типови авиони, складишта за муниција, противвоздушна одбрана и движења на бродови, кои се од разузнавачка вредност за Иранците, тоа навистина би им помогнало“, кажа Џим Ламсон, гостувачки истражувач на Кингс колеџ во Лондон и поранешен аналитичар на ЦИА специјализиран за иранската војска.

Се верува дека помошта на Москва му помогнала на Иран во неодамнешните напади врз американските радарски системи во регионот. Меѓу погодените цели беше радарот за рано предупредување ТХААД во Јордан, како и други цели во Бахреин, Кувајт и Оман.

Воените аналитичари истакнуваат дека Иран имал поголем успех во таргетирањето на американски и сојузнички воени цели во оваа војна отколку за време на минатогодишниот 12-дневен конфликт. Тактиката што ја користи Иран – користење беспилотни летала за преоптоварување на радарите пред ракетен напад – е многу слична на руската тактика во Украина.

„Нападите на Иран во Заливот беа повеќе насочени кон радарите и командните и контролните центри. Начинот на кој Иран ги спроведува нападите почна многу да личи на руската тактика“, вели Никол Грајевски, професорка на парискиот истражувачки универзитет Сајенсис По.

Специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, кој ги водеше преговорите со Москва, кажа дека Русија негираше дека му давала разузнавачки информации на Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека верува оти Москва можеби му помага на Иран „малку“. Портпаролката на Белата куќа Оливија Велс ја намали важноста на таа соработка.

„Помошта што Иран ја добива од која било друга земја не влијае на нашиот оперативен успех. Американската војска погоди повеќе од 7.000 цели и уништи над 100 ирански бродови, што доведе до намалување на нивните ракетни напади за 90 проценти и нападите со беспилотни летала за 95 проценти“, кажа Велс.

Иако Русија и Иран немаат формален воен сојуз, Техеран е најблискиот партнер на Москва на Блискиот Исток и еден од главните купувачи на руско оружје. Односите значително се продлабочија од почетокот на руската инвазија на Украина.

Двете земји формираа комисии и работни групи за размена на воено и одбранбено знаење, а воените делегации редовно се посетуваат. Русија дури изгради и лансираше еден од најновите сателитски системи на Иран.

Клучен елемент на соработката е испораката на беспилотни летала „шахед“ од страна на Иран на Москва за војната против Украина. Украина тврди дека Русија користела повеќе од 57.000 вакви беспилотни летала од почетокот на војната. Во меѓувреме Москва почна со домашно производство и ги прилагодува за попрецизна навигација и насочување и поголема отпорност на електронско блокирање, а сега дел од овие иновации ги споделува со Иран.

Војната на Блискиот Исток е корисна за Русија на неколку начини. Таа ги намалува американските залихи на пресретнувачи на воздушна одбрана кои ѝ се потребни на Украина, а затворањето на Ормускиот теснец, низ кој поминува една петтина од светската нафта, ги зголемува цените на енергетските производи од кои зависи руската економија.

Ламсон истакнува дека руската помош за Иран е ограничена, но сепак вредна. „Категориите на помош – вклучувајќи сателитски податоци и тактички совети за беспилотни летала – кои ги обезбедува Русија се ограничени, но сепак вредни за војната и способноста на Иран да погоди одредени воени локации“, вели тој.

Помошта која Русија може да ја обезбеди е ограничена од сопствените воени напори во Украина, но и од неподготвеноста на Кремљ да го налути Трамп. Иако конфликтот носи ризици за Русија, особено ако режимот во Иран се сруши, Москва го гледа тоа како можност да му помогне на својот партнер и да им наштети на САД.

И покрај односот на Путин со Трамп, Кремљ сè уште го смета Вашингтон за стратегиски противник, вели Самуел Чарап од американскиот институт за одбрана Ранд. „Тоа е можност да ни вратат мило за драго, со оглед на разузнавачката поддршка која САД ѝ ја даваат на Украина“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ