„Тужбата ќе биде поднесена денес, во петок, по електронски пат. Износот на отштетата ја опфаќа вредноста на замрзнатиот имот на централната банка, како и вредноста на замрзнатите хартии од вредност и изгубениот приход“, изјавиле за новинарите службеници за односи со јавност на централната банка, според извештај на новинската агенција Интерфакс.
Централната банка ја разгледува и можноста за заштита на своите интереси пред меѓународни и арбитражни судови, сметајќи на спроведување на нивните пресуди во земјите членки на Обединетите нации, пренесува Интерфакс. „Постапката за спроведување на судската одлука со користење на имотот на тужениот (Еуроклир), вклучително и оној во странски јурисдикции, пријателски и непријателски земји, ќе биде утврдена откако судската одлука ќе стапи во сила“, нагласила централната банка.
Одлуката за тужба е донесена поради „незаконските постапки на Еуроклир“ и поради официјалните планови на Европската Унија за воспоставување механизми за директна или индиректна употреба на замрзнатиот имот без согласност на банката, се наведува во соопштението.
„Постапките на депозитарот Еуроклир ѝ нанесоа штета на Руската централна банка, бидејќи ѝ го оневозможија управувањето со парите и хартиите од вредност што ѝ припаѓаат“, се наведува во банката.
Еуроклир одбил директно да ја коментира најавената тужба за агенцијата АФП, но портпарол на депозитарот напомена дека во Русија против компанијата веќе се поднесени „повеќе од 100“ тужби.
Клириншката куќа веќе укажа дека би можела да преземе правни чекори за да ги блокира налозите на Европската комисија или на Советот на Европската Унија за заплена на замрзнатиот руски имот, при што извршната директорка на Еуроклир, Валери Урбен, изјави дека дури и индиректна заплена би претставувала ризик за целата еврозона.
Доколку рускиот имот се искористи, на пример, за финансирање заем за Украина, меѓународните инвеститори ќе ги намалат вложувањата во еврозоната, што би имало негативни последици врз финансиските потреби во Европа, објасни Урбен во интервју за францускиот весник „Монд“.
Билансот на „Еуроклир банка“ на крајот на септември покажувал вкупна вредност од 227 милијарди евра, вклучително и 193 милијарди евра „поврзани со санкциониран руски имот“.
Санкциите ги блокираа каматните исплати по обврзници и враќањето на главнината по должничките хартии од вредност, па тие износи се акумулираат во билансот на Еуроклир банка, се наведува во извештајот за деловните резултати за првите девет месеци од годинава, објавен кон крајот на октомври.
Еуроклир досега уплатил во Европскиот фонд за Украина околу пет милијарди евра, се додава.
Земјите од групата Г7 веќе ги искористија каматите од замрзнатиот руски имот за финансирање заем за Украина во вредност од 50 милијарди долари, наведува АФП.
Европската Унија и земјите од групата Г7, од влегувањето на руските сили во Украина, блокираа околу половина од руските резерви на злато и девизи, пишува рускиот весник „Известија“.
Според податоците што ги пренесува „Известија“, замрзнатите хартии од вредност во сопственост на Руската централна банка во најголем дел се државни обврзници на земјите што ѝ воведоа санкции на Москва.
Нивниот состав и принос не се познати, а сè уште не е откриено ниту дали некоја хартија од вредност е целосно исплатена, пишува весникот, нагласувајќи дека замрзнатиот имот на централната банка не опфаќа злато.
Во Европската Унија се замрзнати околу 210 милијарди евра руски имот, а најголем дел се наоѓа на сметките на Еуроклир, пренесува „Известија“. Освен во Белгија, руски имот има и во Германија, Франција и Луксембург, но точните износи не се познати.
Според различни извори, во Луксембург би можело да има до 20 милијарди евра, додека Министерството за финансии тврди дека се депонирани само 10 милијарди, наведува рускиот весник. Франција и Германија не објавија податоци, а според медиумските наводи станува збор за износи од 19 милијарди, односно 210 милиони евра.
Европската комисија во последно време ги забрза подготовките за користење на замрзнатиот руски имот за обезбедување финансиска помош за Киев.
Претставниците на Унијата планираат конечен договор да постигнат на самитот следната недела, но Белгија се противи, бидејќи е надлежна за Еуроклир и би можела да се соочи со финансиски последици.
Седиштето на Еуроклир е во Брисел. Според сложената шема што ја предлага Европската Унија, Еуроклир би ѝ позајмил средства на Унијата, која потоа би му ги проследила на Киев, наведува АФП.
Украина би ги вратила средствата кога и доколку Русија ѝ исплати воена отштета. Во четвртокот членките на Европската Унија направија значаен чекор во тој процес со договор што предвидува замрзнување на рускиот имот на неопределено време, сè додека Русија не ја плати воената штета. Досегашните одредби предвидуваа продолжување на блокадата на секои шест месеци.






