понеделник, 15 декември 2025

Русија го прогласи германски Дојче веле за „непожелна организација“

Откако германската медиумска компанија Дојче веле (ДВ) беше означена како „странски агент“ во Русија во 2022 година, нејзиниот статус сега дополнително се влоши, а руските власти ја прогласија ДВ за „непожелна организација“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кабинетот на рускиот државен обвинител донесе одлука да ја класифицира Дојче веле како „непожелна организација“, објавија руските медиуми. Овој потег го побара руската државна Дума уште во август.

Со тоа, ДВ им се придружи на голем број други западни медиумски куќи, невладини организации и фондации кои веќе го добија истиот статус, вклучувајќи ги Радио слободна Европа/Радио Либерти, Белингкет, Коректив, Репортери без граници и ТВ Дожд.

Според сегашното руско законодавство, секоја соработка со организации кои се прогласени за „непожелни“ се смета за кривично дело. Ваквите дела можат да бидат казнети со високи парични казни или дури и затворски казни.

Самото споделување на содржината на овие организации, вклучително и објави на социјалните мрежи, е исто така казниво.

Извршната директорка на Дојче веле Барбара Масинг изјави дека одлуката на руските власти е уште еден јасен показател за напорите на Кремљ „да ја задуши слободата на изразување во земјата“.

„Русија може да нè означи како непожелна организација, но тоа нема да нè обесхрабри“, порача Масинг во соопштението.

Таа додаде дека најновиот обид за замолчување на слободните медиуми го покажува отвореното непочитување на рускиот режим кон слободата на печатот и го открива неговиот страв од сопствените граѓани – оние кои бараат информации, размислуваат критички и сакаат да учат.

„Дојче веле ќе остане доследен во обезбедувањето новинарска содржина за луѓето да можат да формираат свои мислења“, нагласи Масинг.

Во текот на изминатите повеќе од три години Дојче веле сè повеќе ги чувствува последиците од репресијата на Кремљ врз организациите и медиумите кои се финансираат од Западот. ДВ е етикетирана како „странски агент“ во Русија од март 2022 година, а пред тоа се соочи со забрана за емитување.

Редакцијата на Дојче веле во Москва беше принудена да се пресели, а веб-страницата на ДВ беше блокирана на сите јазици низ цела Русија.

И покрај ова, во 2025 година, програмата на ДВ на руски јазик достигна околу 10 милиони корисници неделно, главно преку видео содржини, што ја прави една од десетте најпопуларни услуги на ДВ.

Од март 2024 година, програмата на ДВ на руски јазик е вклучена во пакетот ТВ Слобода на меѓународната невладина организација Репортери без граници. Пакетот вклучува околу 20 телевизиски и радио канали на руски јазик кои се финансирани од Западот и кои се емитуваат преку сателитот Јутелсат хотбрд.

За да ја заобиколи цензурата на руските власти Дојче веле сè повеќе ги користи дигиталните платформи и им нуди на корисниците алатки за заобиколување на блокадите, како што се прелистувачот Тор, ВПН и апликацијата ДВ.

„И покрај цензурата и блокирањето на нашите услуги од страна на руската влада, програмите на ДВ на руски јазик денес достигнуваат до повеќе луѓе од кога било досега“, јажа Масинг. „Ќе продолжиме независно да известуваме за агресивната војна против Украина и други теми за кои има многу малку информации во Русија, за да можат луѓето да формираат свои мислења“, додаде таа.

Дојче веле е германска меѓународна медиумска компанија. Како јавен медиум, таа обезбедува вести и информации на 32 јазици. Се фокусира на темите за слободата и човековите права, демократијата и владеењето на правото, светската трговија и социјалната правда, здравственото образование, заштитата на животната средина, технологијата и иновациите.

Телевизиските, интернет и радио услугите на ДВ достигнуваат околу 337 ​​милиони корисници неделно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ