сабота, 20 декември 2025

Русија го нападна Киев со тешки бомбардери (ВИДЕО)

Русија во текот на ноќта изврши масовен напад со ракети и беспилотни летала врз Киев и други украински градови, користејќи тешки бомбардери. Низ целата земја беше издадена воздушна тревога, дури и во региони далеку од линијата на фронтот.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха објави дека Русија употребила стотици беспилотни летала и ракети во нападот.

Според украинските медиуми, пет руски бомбардери Ту-95 полетале од аеродромот Олења во регионот Мурманск околу 1 часот и 45 минути по локално време. Кратко потоа, околу 2:25 часот наутро, Воената администрација на градот Киев предупредила дека полетале бомбардерите МиГ-31К, предизвикувајќи тревога низ целата земја.

Украинските воздухопловни сили дополнително известија во 3:52 за веројатно полетување на бомбардер Ту-95 од воздухопловната база Енгелс. Во текот на ноќта, бројни украински региони беа под закана од роеви беспилотни летала „шахед“, а експлозии беа регистрирани во Киев, Киевската област, Запорожје, Хмелницката област и Суми.

Најголема штета е забележана во Киев и Запорожје. Во главниот град, делумно е уништена петкатна зграда, а оштетена е и станбената инфраструктура во неколку области, потврди началникот на Воената администрација на градот Киев, Тимир Ткаченко. Оштетени се и нестанбени згради и паркирани автомобили.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести за најмалку пет повредени лица кои се хоспитализирани. „Проектили сè уште паѓаат врз градот“, рече тој, повикувајќи ги жителите да останат во засолништа. Пожари избувнаа во неколку домови и згради околу Киев. Во градот Фастив повредени се петмина вработени во пекара која се запалила при нападот.

Во Запорожје, регионалниот центар на делумно окупираниот регион, Русите нападнаа цивилна инфраструктура, соопшти гувернерот Иван Федоров. Девет куќи, 14 повеќекатни згради, училиште и производствени погони беа оштетени. Пет лица беа повредени во два напади во текот на ноќта.

„Подмолни тактики, нечовечка жед за човечко страдање“, коментираше Регина Харченко, вршител на должноста претседател на Градскиот совет на Запорожје, додавајќи: „Нечии фотографии, детски играчки, книги горат. Луѓето страдаат, а градот повторно ги брои своите рани“.

Нападите се случија откако украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. По состанокот, Трамп изненади со изјавата дека Украина е „во позиција да се бори и да ја врати цела Украина во нејзината оригинална форма со поддршка на ЕУ“.

Подоцна тој го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин. „Многу сум незадоволен од она што го прави Русија и од она што го прави претседателот Путин“, им рече Трамп на новинарите пред три дена. „Воопшто не ми се допаѓа. Тој убива луѓе без причина.“ И покрај тоа, Трамп сè уште не вовел нови санкции од САД врз Русија.

По серијата руски повреди на воздушниот простор на НАТО, повторно се појавија повици за „затворање на небото“ над Украина. Упадите ги ставија европските земји во состојба на готовност и покренаа прашања за способноста на алијансата да се спротивстави на руските закани. Како одговор, НАТО ја започна мисијата „Источна стража“, а разговорите за затворање на небото повторно се на дневен ред.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ