Песков изјави за Би-би-си дека Мета може да продолжи со својата работа ако „го почитува законот и влезе во дијалог“. На прашањето дали властите се обидуваат да ги принудат Русите да ја користат државната апликација Макс, тој одговори дека „националната апликација е достапна алтернатива“. Руските власти тврдат дека Ватсап и Телеграм одбиле да ги складираат податоците на руски корисници на руска територија, како што е пропишано со закон. Москва наведува и дека Ватсап е една од главните услуги кои се користат за измами и изнудувања, што е една од причините за охрабрување на префрлањето на апликацијата Макс.
Русија интензивно ја промовира својата апликација Макс преку телевизиски реклами, постери и со помош на локални функционери и медиумите. Критичарите тврдат дека руските власти би можеле да го користат Макс за следење на граѓаните, иако државните медиуми го негираат ова. Апликацијата е споредена со кинескиот Вичет, таканаречена „супер-апликација“ која ги комбинира пораките и владините услуги. Од 2025 година, властите наложија Макс да биде прединсталиран на сите нови уреди кои се продаваат во земјата, а има извештаи дека од вработените во јавниот сектор, наставниците и учениците сè повеќе се бара да ја користат платформата.
Рускиот регулатор за интернет Роскомнадзор објави оваа недела дека дополнително го ограничува пристапот до апликацијата Телеграм, наведувајќи го недостигот од безбедност како причина. Телеграм е исклучително популарен во Русија и наводно е широко користен од руските сили во Украина. Воените блогери се пожалиле дека овој потег ја попречува комуникацијата на терен.
Извршниот директор на Телеграм, рускиот милијардер Павел Дуров, кажа дека државата го ограничува пристапот до нивната услуга за да ги принуди граѓаните да ја користат „својата апликација за надзор и политичка цензура“. Тој ја спореди ситуацијата со Иран, кој исто така се обиде да го забрани Телеграм и да охрабри државна алтернатива, но граѓаните најдоа начини да ја заобиколат забраната. „Ограничувањето на слободата на граѓаните никогаш не е вистинскиот одговор“, оцени Дуров.
Дури и пред конфликтот во Украина во 2022 година, руските власти почнаа да работат на создавање домашна алтернатива на глобалниот интернет, а овие напори се забрзаа за време на војната. Ватсап порано беше најпопуларната апликација за пораки во Русија, но откако Мета 2022 беше прогласена за „екстремистичка организација“, нејзините апликации како Инстаграм и Фејсбук се блокирани и достапни се само преку виртуелни приватни мрежи (ВПН). Рускиот функционер Андреј Свинцов кажа дека „таквите остри мерки се апсолутно оправдани“. Ватсап порача дека прават сè за да ги одржат луѓето поврзани.
„Обидот да се изолираат повеќе од 100 милиони корисници од приватна и безбедна комуникација е чекор назад и може само да доведе до помала безбедност за луѓето во Русија“, се вели во нивното соопштение. Проектот за дигитални права На свјази (Во контакт) објави дека Русија сè повеќе отстранува веб-страници од државниот директориум, кој е контролиран од Роскомнадзор, правејќи ги недостапни без ВПН. Меѓу нив, како што наведува, се Јутјуб, Фејсбук, Ватсап,Инстаграм, Би-би-си и Дојче веле. Државната новинска агенција ТАСС објави претходно оваа година дека се очекува трајна забрана за Ватсап во земјата во 2026 година.






