Сателитските снимки покажуваат драматични промени на таа локација од летото 2024 година. Обраснатата и запуштена шумска земја е исчистена, а снимките од октомври 2025 година откриваат нова расчистена површина со повеќе од 50 воени возила. Овој развој доаѓа во услови на стравувања на Западот дека поразот на Украина би можел да го отвори патот за руска агресија врз земјите од источниот крило на НАТО, вклучувајќи ја и Финска.
🇫🇮🇷🇺 NEW: Russia is reactivating a former Soviet military base in Petrozavodsk near the Finnish border.
Satellite imagery indicates extensive site clearing and the deployment of equipment, suggesting a major restoration and expansion of the facility. pic.twitter.com/ZpWjMHZhXs
— Defence Index (@Defence_Index) January 31, 2026
Во 2024 година Русија го формираше 44-от армиски корпус во северозападната Република Карелија, чиј главен град е Петрозаводск. Иако се планирани 15.000 војници за корпусот, досега само мал број од нив пристигнале во областа бидејќи повеќето од нив се распоредени во Украина. Сепак, доколку плановите на Москва се остварат, на корпусот ќе му бидат потребни капацитети за сместување и полигони за обука, поради што Москва наводно се свртува кон обнова на гарнизонот од советската ера во Карелија.
Финскиот воен експерт Марко Еклунд изјави за финската телевизија ИЛЕ дека возилата собрани во гарнизонот Рибка укажуваат на формирање на оклопна бригада која треба да обезбеди транспорт за новиот армиски корпус. „Гарнизонот во Рибка не е доволен за целиот армиски корпус“, кажа Еклунд, додавајќи дека „затоа се очекуваат многу големи градежни проекти во Карелија“.
Високи функционери од Петрозаводск и Република Карелија потврдија за регионалниот медиум Карелинформ дека новата изградба ќе започне оваа година и дека тие ќе помогнат во олеснувањето на работата. „На нашиот регион му е доверена одговорна задача: да биде преден пункт на нашата земја на границата со НАТО. Нашата задача, како патриоти и претставници на народот, е да помогнеме во ова“, изјави претседателката на градскиот совет на Петрозаводск Надежда Дрејзис во ноември.
Артур Парфенчиков, лидерот на Република Карелија, во телевизиско интервју минатата пролет изјави: „Ние сме за соработка, но ако нашите соседи се однесуваат на одреден начин, ќе следи одговор“.
Во Република Карелија моментално има помеѓу 2.500 и 3.000 војници, од кои повеќето служат во Воздухопловните сили, објави ИЛЕ. Воздухопловната база на аеродромот во Петрозаводск има 80 борбени авиони, вклучувајќи и напредни ловци Су-35С. Локалното складиште за опрема содржи и околу 2.000 тенкови, возила и артилериски системи, претежно од советската ера. Радиотехничкиот полк управува со десетина радарски станици од своето седиште во Петрозаводск.
Меѓутоа, изградбата на гарнизонот е значително понапредната подалеку на север, во градот Кандалакша, кој се наоѓа веднаш под Арктичкиот круг. Минатиот јуни, ИЛЕ објави дека се работи во гарнизонот Лупче-Савино, наменет за сместување на артилериските и инженерските бригади.
Сателитските снимки покажуваат дека од мај се изградени неколку згради од темел до покрив, а дополнителни згради се во изградба. Русија ги зајакнува и своите сили подалеку на југ, во регионот Луга. Според Еклунд, моторизираната пешадиска бригада стационирана таму пред војната била претворена во дивизија, со што нејзината сила се зголемила за трипати на околу 10.000 луѓе.
Темпото на развој останува бавно додека продолжува војната во Украина, која бара ресурси на други места. Но, насоката е јасна. Во својот последен годишен преглед, според ИЛЕ, финската воена разузнавачка служба проценила дека „со напредокот на промените, способноста на Русија да води војна во правец на Финска значително ќе се подобри“.






