„Ова е историска можност и ако успее, ќе има драматично, трансформативно влијание врз регионот“, рече Рубио во Анталија.
Неговата изјава дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп и Шара се сретнаа во Ријад во средата – состанок што го означи првиот контакт на највисоко ниво меѓу САД и Сирија откако беше соборен режимот на Башар ал-Асад во декември.
Трамп, кој претходно го објави укинувањето на американските санкции врз Сирија, го нарече состанокот „одличен“.
Рубио изјави дека новото сириско раководство е посветено на обновата на земјата како плуралистичко општество.
Тој посочи дека Сирија изразила желба за „мир со сите свои соседи“ и „протерување на странските борци и терористи“ кои би можеле да ја дестабилизираат земјата.
Рубио рече дека САД сакаат да бидат „од помош“, но дека американската помош ќе зависи од тоа дали Сирија „презема чекори напред“.
„Очигледно сакаме да видиме напредок и ќе одговориме на секој нивен чекор, но тоа ќе биде долг пат“, рече Рубио.
Тој додаде и дека постои можност еден ден да оди во Конгресот и да побара трајно укинување на санкциите.