недела, 6 април 2025

Рубио: САД остануваат во НАТО, но сите треба да издвојуваат пет отсто од БДП за војската

Шефот на американската дипломатија Марко Рубио изјави денес во Брисел дека Соединетите Американски Држави ќе останат во НАТО, но дека е неопходно западниот воен пакт да биде посспособен и затоа сите членки треба да ги зголемат издвојувањата за војската на пет отсто од бруто домашниот производ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По пристигнувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, на кој учествува прв пат, Рубио кажа дека администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп не е против НАТО, но дека сака таа организација да биде способна да ги одбрани териториите на своите членки.

„САД се НАТО, САД се активни во НАТО како што секогаш и биле. Гледам хистерија во глобалните медиуми и во некои медиуми во САД (во врска со евентуалното излегување на САД од алијансата), но претседателот Трамп јасно кажа дека го поддржува НАТО и дека ќе останеме во НАТО“, кажа Рубио во седиштето на западниот воен пакт.

За време на заедничкото обраќање со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, пред нивниот состанок во четири очи, Рубио кажа дека САД сакаат НАТО да биде „посилен и поодржлив“ и додаде дека единствениот начин да се постигне тоа е американските сојузници „да имаат поголем капацитет“.

„Сите имаме свои домашни потреби, но ние приоритет на одбраната ѝ го дадовме поради улогата која ја имаме во светот. И сакаме од нашите партнери да го направат истото. Разбирам дека некои можеби не сакаат да се откажат од политиката на социјална сигурност, но нас војната во срцето на Европа во последните неколку години нè потсетува дека тврдата моќ и понатаму е неопходна како средство за одвраќање“, оцени Рубио.

Тој додаде дека сака да замине од Брисел „со сознание дека секоја членка на НАТО е спремна да ги зголеми издвојувањата за војската на пет отсто од БДП“.

„Ако заканите се толку страшни колку што мислиме дека се, мораме да имаме способност да им се спротивставиме. Тоа е пораката и на претседателот Трамп, тој не е против НАТО, тој е само против НАТО кој нема способност да ги исполни обврските кои Северноатлантскиот договор ѝ ги наметнува на секоја членка“, кажа американскиот државен секретар.

Истакна дека „никој не очекува дека некој тоа ќе може да го направи за година или две“, но дека „патот кон тоа мора да биде реален“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ