петок, 19 декември 2025

Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги присилиме ни Киев ни Москва на договор

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина никому не му се наметнува никому договор и дека и Киев и Москва мора да сакаат да го постигнат, и предупреди дека нема да има мир во Газа сè додека Хамас не се разоружи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„На крајот на краиштата, нивно е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина да склучи договор. Не можеме да ја принудиме Русија да склучи договор. Тие мора да го сакаат тоа“, инсистираше Рубио на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека е постигнат напредок, но дека сè уште има многу работа која треба да се заврши. Тој истакна дека последните преостанати прашања се секогаш најтешките.

Украинските мировни преговарачи ќе започнат нова рунда разговори со американскиот тим за предлози за завршување на војната со Русија, изјави шефот на делегацијата од Киев, Рустем Умеров. Претставникот на Белата куќа Стив Виткоф, и зетот на претседателот Трамп Џаред Кушнер, планираат да се сретнат со руската делегација во Мајами овој викенд, изјави за Ројтерс функционер на Белата куќа.

Рубио им кажа на новинарите дека можеби ќе се приклучи на дел од разговорите за Украина во сабота во Мајами.

Одговарајќи на прашањата, Рубио кажа дека кога станува збор за Венецуела, САД не се загрижени дека може да има ескалација со Русија, додавајќи дека Вашингтон очекува Москва да му даде реторичка поддршка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Администрацијата на Трамп испрати илјадници војници во регионот, заедно со носач на авиони, воени бродови и борбени авиони.

„Секогаш очекувавме тој да му даде реторичка поддршка на режимот на Мадуро… тоа не е фактор во тоа како го гледаме сето ова“, рече Рубио.

Руското Министерство за надворешни работи вчера изрази надеж дека администрацијата на Трамп нема да направи фатална грешка во врска со Венецуела и изрази загриженост за одлуките на САД кои го загрозуваат меѓународниот поморски сообраќај.

Рубио, исто така, предупреди дека „нема да има мир“ во Газа без разоружување на Хамас.

„Доколку Хамас некогаш се најде во позиција да го загрози или нападне Израел, нема да има мир. Нема да убедите никого да инвестира пари во Газа ако мисли дека ќе избувне нова војна за две или три години. Затоа разоружувањето е толку важно“, оцени американскиот државен секретар.

Дополнително, тој е убеден дека повеќе земји ќе сакаат да учествуваат во стабилизациските сили кои треба да го зајакнат кревкото примирје во Газа.

„Навистина сум убеден дека земјите, кои се прифатливи за сите страни, се подготвени да се обврзат и да бидат дел од оваа стабилизирачка сила“, кажа тој.

Рубио, исто така, се осврна на разговорите меѓу претставниците на Израел и Либан одржани во петокот и очекува дека разговорите ќе доведат до силна либанска влада и разоружување на Хезболах.

„Се надеваме дека разговорите меѓу либанските власти и Израелците ќе создадат план и пат напред што ќе спречи понатамошни конфликти“, кажа американскиот државен секретар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ