петок, 25 јули 2025

Рубио: САД и Русија разменија идеи за мировните преговори со Украина

Шефот на дипломатијата на Соединетите Американски Држави Марко Рубио денес изјави дека САД и Русија размениле нови идеи за мировните преговори за Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рубио разговараше со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на маргините на годишниот форум на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), каде што се собраа министрите за надворешни работи на земјите членки на таа трговска унија.

Тој изјави дека неговиот разговор со Лавров бил, како што кажа, „нов и поинаков пристап“ во разгледувањето на преговорите за примирјето со Украина, за конфликтот кој меѓу таа земја и Русија трае од 2022 година.

„Не би го окарактеризирал како нешто што гарантира мир, но тоа е концепт што треба да му се претстави на претседателот (на САД Доналд Трамп)“, кажа Рубио, додавајќи дека тој и Лавров размениле идеи за тоа како би можел да заврши конфликтот меѓу Русија и Украина.

„Ни треба мапа на патот за движење напред за тоа како може да заврши овој конфликт. Ќе продолжиме да бидеме вклучени таму каде што гледаме можности да направиме разлика“, додаде тој.

Рубио се сретна и со други министри за надворешни работи, вклучително и со претставници од земјите на кои САД им наметнуваат зголемени тарифи на 1 август.

За време на разговорот со тие министри, тој кажа дека „Индо-Пацифичкиот регион останува централна точка на американската надворешна политика“.

„Кога слушам во вестите дека САД или светот може да бидат несконцентрирани од настаните во други делови од планетата, би рекол дека нефокусирањето е невозможно, бидејќи нашата цврста позиција и реалност е дека овој век и приказната за следните 50 години во голема мера ќе бидат напишани овде во овој регион“, им кажа Рубио на министрите, додавајќи дека САД имаат намера да продолжат со партнерствата со земјите од АСЕАН без да бараат одобрение од кој било друг светски актер.

Се очекува Рубио да се сретне и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Денес, Рубио се сретна и со премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, и потпиша меморандум за цивилна нуклеарна енергија со министерот за надворешни работи на земјата, со што се отвораат преговори за поформален договор за нуклеарна соработка.

Тој договор им овозможува на американската влада и американските компании да соработуваат и да инвестираат во програми за цивилна нуклеарна енергија во други земји, под строг надзор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ