сабота, 13 декември 2025

Рубио разговара со Нетанјаху за израелскиот план за анексија на Западниот Брег

Се очекува американскиот државен секретар Марко Рубио за време на својата посета на Израел да дискутира за можноста за анектирање делови од окупираниот Западен Брег како одговор на планираното признавање на Државата Палестина од страна на многубројни западни земји подоцна овој месец, велат некои израелски и американски претставници, пренесува Аксиос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сѐ уште не донел одлука дали да пристапи кон анексија и каков бил обемот на таквиот потег. Тој сака на средбата со Рубио да открие дали претседателот Трамп би го поддржал анектирањето, рече израелско официјално лице.

Поголем дел од меѓународната заедница го гледа Западниот Брег како окупирана територија и секоја израелска анексија ја смета за незаконска и провокативна.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги предупредија администрацијата на Трамп и израелската влада дека анексијата на Западнаиот Брег сериозно би ја загрозила мировната спогодба меѓу ОАЕ и Израел и пошироките Аврамови договори, и би ја поткопала надежта на претседателот за нивно проширување.

Во петокот Генералното собрание на ОН ја поддржа „Њујоршката декларација“, која ја предложија Франција и Саудиска Арабија и која повикува на незапирлив пат кон палестинската држава.

142 земји гласаа за декларацијата, 10 беа против, меѓу нив САД и Израел, а 12 земји се воздржаа, меѓу кои и Македонија.

Принципите на декларацијата ќе бидат главни референтни точки за самитот на лидерите што ја поддржуваат одлуката за две држави и кој ќе се одржи на 22 септември на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Се очекува за време на овој настан Франција, Велика Британија, Канада и неколку други земји да ја објават својата одлука за признавање на Палестина.

Нетанјаху и Рубио се среќаваат вчера и денеска.

Две израелски лица рекле за Аксиос дека Рубио во приватни средби сигнализирал дека не се противи на анексиите на Западниот Брег и дека администрацијата на Трамп нема да се противи.

Израелските тврдења предизвикаа загриженост во администрацијата на Трамп, главно затоа што немаше јасна позиција на САД по ова прашање и постоеше чувство дека израелската влада се обидува да ја „приклешти“ администрацијата на Трамп, рече американско официјално лице.

Во последните денови се одржаа неколку внатрешни состаноци по ова прашање во Белата куќа и во Стејт департментот за да се одлучи јавна позиција што нема да остави простор за различно толкување.

Клучната загриженост што ја изразија функционерите на Белата куќа и Стејт департментот беше дека израелската анексија на делови од Западниот Брег би довела до колапс на Аврамовите договори и би ја нарушила оставнината на Трамп, рекло американско официјално лице.

ОАЕ повторно го истакнало својот јасен став пред Стејт департментот пред патувањето на Рубио во Израел, рекол еден извор.

„Очигледно, Белата куќа учествува во различни политички дискусии поврзани со Блискиот Исток. Не коментираме за внатрешни состаноци што можеби се одржале или не,“ рекол функционер на Белата куќа за Аксиос.

Пред да отпатува за Израел, Рубио изјави за новинарите дека ќе разговара со израелската влада за нивниот одговор на очекуваниот бран признавања на палестинска држава.

„Им кажавме на Европејците дека ќе има контрареакција,“ рече Рубио.

Високо израелско официјално лице рекло дека Нетанјаху сака да дознае од Рубио колку простор САД се подготвени да му дадат на Израел во однос на одговорот на признавањата на палестинската држава, особено по прашањето на анексијата на Западниот Брег.

Се очекува Рубио в недела да учествува на настан организиран од група доселеници на политички чувствително археолошко место под палестинското село Силван во Источен Ерусалим, многу блиску до џамијата ал-Акса.

Рубио во саботата изјави за новинарите дека се работи за посета на историско место и потенцираше дека неговото учество на настанот не е политичко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ