Владата на Соединетите Американски Држави (САД) ја продолжи оперативната лиценца за работа на Нафтната индустрија на Србија (НИС) до 23 јануари, по 84 дена од стапувањето во сила на американските санкции кон таа компанија, јави синоќа Радио-телевизија Србија (РТС), повикувајќи се на неименуван извор.
Според неофицијални сознанија на РТС, до 23 јануари би можеле да бидат завршени преговорите на руски Газпром со унгарската компанија МОЛ за купување на рускиот мнозински удел во НИС, поради кој САД воведоа санкции кон таа компанија.
Изворот на РТС наведува дека одлуката за продолжување на лиценцата уследила по вчерашните разговори на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со претставници на Канцеларијата на Министерството за финансии на САД за контрола на странски имот (ОФАК) и Стејт департментот, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Деталите за одлуката на ОФАК и значењето на продолжувањето на оперативната лиценца за НИС и за Србија Вучиќ ќе им ги соопшти на граѓаните денес на РТС.
Вучиќ претходно вчера изрази уверување дека на 1 јануари ќе има „феноменални политички вести“.
Минатата недела, на 24 декември, ОФАК ѝ издаде лиценца на Нафтната индустрија на Србија со која рокот за преговори за продажба на рускиот удел беше продолжен до 24 март. Русите за продажбата на својот удел преговараат со унгарската компанија МОЛ.
Американските санкции кон компанијата НИС стапија во сила на 9 октомври. Ден претходно беше запрен дотекот на сурова нафта во Србија преку Јадранскиот нафтовод, а Рафинеријата во Панчево го запре работењето на 2 декември, од кога Србија се потпира на државните резерви и увоз на деривати.
Министерката за енергетика и рударство на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, вечерва напиша на Инстаграм дека продолжувањето на лиценцата значи дека рафинеријата во Панчево ќе може да продолжи со работа.
„Драги граѓани, одлична вест за крајот на годината за нашата земја – со задоволство ве информирам дека компанијата НИС доби лиценца од американскиот ОФАК за продолжување на работата до 23 јануари. Ова значи дека рафинеријата во Панчево, по 36 дена, ќе може да продолжи со работа. На чело со претседателот Вучиќ, со дипломатска борба, успеавме во речиси невозможното. Ќе ја заштитиме нашата енергетска безбедност, како и досега“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ.






