Јанаф, како и Нафтената индустрија на Србија (НИС), во која е вклучена и рафинеријата во Панчево, добија лиценца за продолжување на работата до 23 јануари.
Јанаф го запре протокот на нафта до рафинеријата во Панчево на 9 октомври, кога започна целосната примена на американските санкции.
Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Џедовиќ Хандановиќ вчера изјави дека 85.000 тони ќе бидат испорачани преку Јанаф во текот на оваа недела.
„Рафинеријата во Панчево почнува со работа околу 16 јануари, во секој случај пред крајот на неделата. Очекуваме првиот дизел да излезе од производство и да биде на пазарот околу 26 до 27 јануари“, кажа Џедовиќ Хандановиќ.
Таа додаде дека очекува по овие 85.000 тони, во текот на следната недела да пристигнат дополнителни 35.000 до 45.000 тони, а тоа ќе обезбеди, покрај домашната сирова нафта, која моментално ја има околу 120.000 тони, рафинеријата да може да продолжи да работи подолг временски период дури и по 23 јануари.
„Нашата цел е лиценцата за работа да биде продолжена, а во таа смисла Канцеларијата за контрола на странски средства на САД (ОФАК) имаше одредени барања, имено да ги види главните основи на договорот, и во тој контекст очекуваме преговорите да завршат, односно барем првите меѓу МОЛ и Газпромњефт, а потоа да се аплицира за продолжување на лиценцата додека не се завршат конечните преговори и на крајот да се потпише трансакцијата“, кажа Џедовиќ Хандановиќ.
НИС има тригодишен договор со хрватски Јанаф за транспорт на 10 милиони тони сирова нафта, кој истекува во декември 2026 година.






