недела, 7 декември 2025

Романија: САД повлекуваат војници од НАТО во Европа

Министерството за одбрана на Романија соопшти дека САД имаат намера да намалат дел од своите трупи стационирани на источното крило на НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во Романија ќе останат помеѓу 900 и 1.000 американски војници, соопшти Букурешт – помалку од 1.700.

Министерството соопшти дека одлуката била очекувана и дека „промената на големината“ на американските сили е резултат на новите приоритети на претседателската администрација на Трамп.

Пентагон соопшти дека одлуката не претставува „повлекување од Европа или сигнал за намалена посветеност на НАТО и Член 5“, пренесе Би-би-си.

Членот 5 предвидува дека членките на НАТО ќе застанат во одбрана на сојузник што е нападнат и долго време се смета за главно средство за одвраќање од потенцијална руска агресија.

Министерот за одбрана Јонут Мостеану изјави дека неговиот американски колега Пит Хегсет неодамна им пренел на Европејците дека треба да посветат поголемо внимание на сопствената одбрана и дека САД го насочуваат своето внимание кон Индо-пацифичкиот регион.

Една американска бригада во воздухопловната база Михај Когалничеану – која треба да биде најголемата на НАТО во Европа – ќе биде ротирана, а не заменета, рече Мостеану.

Бригадата има „елементи“ во Бугарија, Романија, Словачка и Унгарија, рече Мостеану, иако не е јасно дали американските трупи ќе бидат повлечени и од овие земји.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш денеска изјави дека Варшава „нема информации“ за можно намалување на американските трупи на нејзина територија.

Присуството на американските трупи во романските бази Девеселу и Кампија Турзи ќе остане непроменето, додаде Јонут Мостеану.

Откако ја презеде функцијата во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп не ја крие својата желба да го префрли фокусот на американската воена посветеност од Европа во Индо-пацифичкиот регион и постојано ги повикува европските членки на НАТО да преземат поголема одговорност за одбраната на континентот.

Но најавата за повлекување на американските трупи од Романија ќе ги загрижи земјите од Источна Европа, од кои многумина сметаат дека имаат причина да се плашат од руски напад во иднина, вели Би-би-си.

Кратко по најавата од Букурешт, функционер на НАТО нагласи дека посветеноста на Вашингтон кон НАТО алијансата останува „јасна“ и дека измените „не се невообичаени“.

„Дури и со оваа измена позицијата на американските сили во Европа останува поголема отколку што беше со години, со многу повеќе американски сили на континентот отколку пред 2022 година“, рече функционерот во соопштението.

Пентагон, исто така, нагласи дека САД одржуваат „робусно присуство“ низ цела Европа, како и „способност за распоредување на силите и капацитетите за исполнување на целите… вклучувајќи ја и посветеноста на претседателот Трамп да ги брани сојузниците на НАТО“.

САД имаат повеќе од 100.000 воени лица распоредени во Европа, според бројките од крајот на минатата година.

Минатиот месец НАТО објави создавање мисија наречена Источна стража, за која рече дека ќе ја зголеми будноста на алијансата по целото источно крило.

Одлуката дојде откако десетина руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, во најсериозниот инцидент од ваков вид од почетокот на војната во февруари 2022 година. Неколку дена подоцна, Романија објави дека руски беспилотен авион го нарушил нејзиниот воздушен простор, а Естонија рече дека руски воени авиони го нарушиле и нејзиниот воздушен простор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ